Благодарение на дарежливоста на печалбарите од САД, кои по потекло се од кичевскиот регион, шест основни училишта од оваа општина добија по едно дигитално пијано, додека во истата пратка се наоѓаше и концертното пијано подарок за Центарот за култура во Кичево. Целокупната вредност на оваа донација од 41 печалбарско семејство изнесува над 2.000.000 денари.

Концертното пијано за Центарот за култура поседува и сопствено аудиоозвучување. Инаку, ова е прво пијано од оваа марка во земјава. Нови пијана добија училиштата во селата: Зајас, Грешница, Стрелци, Јагол Доленци, Србица и градското училиште „Санде Штерјоски“.

– Не треба да зборуваме за полезноста на овој инструмент во наставно-научниот процес по овој предмет во овие училишта во идниот период. Покрај шесте училишта, со ново пијано од марката „каваи“, прво од ваков вид во земјава, се стекна и Центарот за култура. Новото концертно пијано е комплетирано и со сопствено аудиоозвучување и уште веднаш може да им се стави на располагање на гостите, кои ќе настапат во нашиот центар – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.
И наставниците по музичко во училиштата што го добија овој инструмент се презадоволни од сознанието што ќе можат многу повеќе талентирани деца да се едуцираат на музички план.

– Со новите дигитални пијана ќе имаме можност во училиштата да едуцираме што повеќе ученици и на овој начин да им ја всадиме љубовта кон музиката – велат наставниците.