Во Градската библиотека во Валандово активно работи читателска работилница, која беше отворена пред една година. Организаторка и реализаторка на оваа едукативна програма за учениците е Станка Бајлозова Барламова.

– Читателската работилница не ни згасна воопшто. Активна е откако ја отворивме во февруари минатата година. Паузиравме единствено преку летото. Минатата година, како за почеток, имав 10 члена, а годинава нивниот број се зголеми на над 30 ученици. Првата година часовите траеја континуирано од февруари до 10 јуни, односно до крајот на учебната година, додека оваа работна година почнавме порано, уште во ноември, а работилницата ќе работи до јуни – вели Станка Бајлозова Барламова.

Таа посочи дека ја радува зголемената заинтересираност од страна на децата.
– Најмногу ме радуваат нивниот ентузијазам за доаѓање на овие часови и желбата за работа и редовно исполнување на активностите. Работиме во пет групи, а децата доаѓаат во различни термини, од среда до петок – посочи таа.
Овие проекти значително придонесуваат за доближувањето на книгата и читањето до учениците.