Јубилеи: 80 години откако Дизниевата дрвена кукла стана вистинско момче

Вториот анимиран филм од работилницата на Волт Дизни, кој своевремено достигна огромна популарност – „Пинокио“, годинава прославува 80 години постоење. Ова е еден од ретките примери на Дизниев филм со повеќе негативци, снимен според романот на Карло Колоди, а приказната ја адаптираа Аурелио Батаља, Вилијам Котрељ, Ото Енгландер, Ердман Пенер, Џозеф Сабо, Тед Сирс и Веб Смит.
Своевремено филмот беше револуционерно достигнување во областа на ефектите во анимацијата. Го режираа Бен Шарпстин и Хамилтон Ласк, како супервизори, и Норман Фергусон, Т. Хи, Вилфред Џексон, Џек Кини и Бил Робертс.

Вклучен е во книгата „1.001 филм што мора да ги видите пред да умрете“ на Стивен Шнајдер, а бидејќи и по 80 години децата знаат за Дизниевата верзија на приказната за дрвената кукла што сака да стане вистинско момче, ви пренесуваме 14 интересни факти од времето на нејзиното создавање.

1. Фигаро бил омилениот лик на Волт Дизни. Тој лично влијаел мачката да се појавува во филмот колку што може повеќе.

2. Буџетот на филмот на почетокот изнесувал 500.000 долари, но е пробиен и трошоците достигнале 2,5 милиони, што „Пинокио“ го прави најскап филм во тоа време.

3. Евелин Венејбл, која била жив модел за Сината Вила, била модел и за познатото лого на студиото „Колумбија“.

4. Во текот на сцената со песната „When You Wish Upon a Star“, во моментот кога е во кадар Штурчето, може да се забележат две книги во левиот агол „Петар Пан“ и „Алиса во земјата на чудата“. Во моментот кога се снимал „Пинокио“, Волт Дизни почнал да ги разработува приказните на Џејмс Метју Бари и на Луис Карол.

5. Ова е првпат познати личности да им позајмуваат гласови на ликовите. Клиф Едвардс, кој му го дал гласот на Штурчето, бил многу популарен во тоа време.

6. Додека го примал „оскарот“ за филмот „Снежана и седумте џуџиња“ од 1937 г., Волт Дизни ѝ раскажувал на публиката за „Пинокио“, и тоа цели 25 минути.

7. Сината Вила, како претходно принцот на Снежана, е креирана со помош на ротоскоп-техника.

8. На аниматорите не им било лесно да го создадат ликот на Џепето. Првиот модел бил како џуџето од „Снежана“, Учо. На крајот се одлучиле за модел да го земат Кристијан Руб, човекот што му го позајмил гласот на Џепето.

9. Волт Дизни не бил задоволен како напредува филмот, па ја запрел изработката на половина продукција, за да ја преиспита приказната и да ги редизајнира ликовите.

10. Во екот на продукцијата, целиот разгранок за анимација го преселил од својот стар дом на Хиперион Авенија во новите простории во Бербанк.

11. Анимацијата на сјајот на Сината Вила го дизајнирал аниматорот за апстракции Оскар Фишингер, кој работел и на филмот „Фантазија“ од 1940 година, на секвенцата „Toccata and Fugue“.

12. Наспроти насловот на филмот, Штурчето може да се смета за главен лик во филмот, додека самиот Пинокио бил спореден. Причина: Штурчето се појавува на почетокот и на крајот на филмот и има повеќе кадри и реплики од Пинокио.

13. „Пинокио“ бил првиот филм што добил „оскар“ за целокупна музика, но и за поединечна песна. Следниот пат кога на компанијата „Дизни“ ѝ успеало тоа било во 1964 година, со филмот „Мери Попинс“.

14. Поради Втората светска војна, филмот не бил прикажан во Германија и во Јапонија. И двете земји се запознале со Дизниевиот „Пинокио“ по 1950 година.