Деновиве во најгрнчарското село во Македонија, Вранештица, се одржува четвртата Младинска керамичка работилница, на која творат учениците од ДСУ „Лазар Личеноски“ од Скопје и од ОСУ „Мирко Милески“ од Кичево. Учениците на оваа работилница се воведуваат во тајните на овој древен занает, а активностите се одвиваат во работилницата на мајсторот Слободан Столески и течат под надзор и менторство на двајца професори од училиштата.
– Во овие четири дена учесниците на работилницата се воведуваат во тајните на грнчарскиот занает, во сите негови фази, од подготовката на суровината, преку обликувањето на производите на грнчарското тркало до нивното бојосување и печење – вели Гоце Стоилковски, ментор на работилницата.
Мајсторот грнчар Слободан Столески е задоволен од односот на учесниците и интересот за совладување на тајните на овој занает.
– На почетокот само го набљудуваа процесот на производство, а последниве години повеќето од нив се охрабрија и самите да седнат на грнчарското тркало и да создаваат предмети од глина. Се надевам дека некој од овие ученици ќе продолжи да го негува овој древен занает, кој е пред изумирање – потсети Столески.
На изминатите три младински работилници учествувале над триесет ученици од двете средни училишта. Изработките ќе бидат претставени на изложби во двата града есенва.