Ученици од осмо и девето одделение од ОУ „КЛимент Охридски“ во Прилеп, под менторство на наставничките Фросина Аврамоска и Александра Богоеска и психологот Соња Јованоска, подготвија цртежи и колажи, каде што ги претставија своите видувања за нивната иднина. Околу 70 ученици се вклучија во оваа активност, а целта беше поактивно да започнат да размислуваат за својата иднина и да им се даде начин преку кој можат да ги изразат своето гледиште и своите очекувања.
Паралелно, учениците од ликовната секција, под менторство на наставничките Александра Богоеска, Евгенија Трајкоска и Фросина Аврамоска, неодамна одржаа работилница „Една слика илјада зборови – ненасилна комуникација“. За таа цел учениците изработија цртежи со ненасилна содржина. Цртежите ги презентираа во форма на видео, во кое се упатени пораки со ненасилна содржина на германски јазик.
По повод отворениот ден на граѓанското образование, пак, учениците од второ и трето одделение, под менторство на наставничките Мартина Ристеска, Весна Вељаноска и Јасмина Мицеска, организираа акција „Недела на убави пораки“.
– Учениците подготвија цртежи и лични творби на тема ненасилство. Со тоа се создаде позитивна социоемоционална клима и се поттикнаа учениците да размислуваат за ненасилството и да бидат повеќе свесни за негативното влијание од насилното однесување – велат од училиштето, истакнувајќи дека ќе продолжат да реализираат и други активности.