Катче за родителите: Суперидеи за забава на децата во изолација

Драги родители, не заборавајте дека додека седите дома можете да правите многу работи заедно со своите деца.
– Можете да цртате со водени боици, со пастел, секогаш дајте им на децата некоја друга техника. Можете да направите и домашен пластелин, сигурно имате малку брашно и вода. Идеално е да се направат планини и долини, кои потоа можете заедно да ги обоите и да изгледаат како релјеф. Исто така, можете да си играте заедно со лего-коцки или со сложувалки, да читате сликовници – велат креативните родители Никола и Елена Стојановски од Скопје.

Најголема грешка е ако ги оставите децата со часови со телефонот или со компјутерот, се разбира, освен ако не учат онлајн.
– Сите сме свесни дека ни се случи нешто посебно и затоа треба да сме свесни и да бидеме одговорни, седејќи дома да му се посветиме на семејството, на децата. Тие да не се чувствуваат како птици заробени во кафез. Да им ги исполниме деновите со топлина, креативност и со насмевки. Треба да се потсетиме на малите нешта во кои и самите сме уживале како деца и да им дозволиме на нашите момчиња и девојчиња тие нам да ни подарат убави сеќавања, додека заедно осмислуваме нови игри – ни рече мајката на две деца, Теодора Манева.

Понекогаш треба заедно со децата да извршуваме и некои домашни обврски, како што се месење леб, правење колачиња, местење на собата, бришење прашина, фрлање ѓубре, простирање алишта…
– За децата е многу важно да бидат како мама и тато и да се чувствуваат горди кога ќе направат нешто како нив. Ако ги ангажираме, тие ќе се чувствуваат корисни – вели младата мајка Лидија Трпеска.

Сепак, никогаш нема да згрешите ако цртате со децата, ако им читате, го гледате заедно нивниот омилен филм, играте „не лути се човеку“, карти, домино, ако гледате стари снимки од семејни прослави….
– Можете да им помогнете во учењето, но и да ги научите некој танц, да свират на некој инструмент, да научат некоја омилена песна… Гледањето стари слики исто така е убава занимација, бидејќи секоја слика е поврзана со некоја вистинита приказна – советува мама Биљана Никодиновска. 


Здравјето на прво место!

Последниве две недели сум дома, бидејќи не одам на училиште поради епидемијата на коронавирусот во нашата земја и имам многу слободно време. Часовите ги минувам во учење, читање лектири, играм разни игри со сестрите Тамара и Моника, цртам и правам многу други работи. До пред некој ден, кога времето беше поубаво, веднаш кога ќе станев излегував во дворот на нашата куќа и уживав на топлото сонце. Со сестричките игравме криенка, брканица, скокавме на јаже, игравме тенис… За жал, оние деца што немаат дворови, времето може да го поминат во читање, цртање, боење, гледање на омилените детски емисии на телевизија.
Но во ниеден момент не смееме да заборавиме постојано да ги миеме рацете, да не допираме ништо, да избегнуваме контакти со други луѓе и така да се заштитиме од опасниот коронавирус.
Здравјето на прво место!
Како поздрав до сите другарчиња во земјава испраќам и еден цртеж.

Катја Велков,
ученичка во шесто одделение во
ОУ„Војдан Чернодрински“ во Скопје