Низ страниците на литературата за деца: „Далечни проблесоци“ на Бистрица Миркуловска

Под куќата на Петревци се виши едно старо црешово дрво. Го засадил дедо Петре велејќи:
– Внуците ќе ме споменуваат по добро. Вејките се спружени до прозорците напролет, кога се разбудува јужниот ветер, потчукнуваат врз стаклата, лесно, небаре сакаат да навестат дека пролетта наближува.
Веќе десетта пролет црешовите гранки ја разбудуваат Мирјана – двете пред тоа таа не ги памети, а тоа утро пред десет години го памети, затоа што се разбудила многу рано и малку исплашено викнала:
– Мамо, некој чука!
– Нани Мирче, никој не чука – ја успокои мајка ѝ. – Само јужниот ветер ги нишка гранките…, наближува пролет!
– Мамо, сакам да ја видам – замоли Мирјана со детска настојчивост, па мама ја крена од постелата и ја однесе до прозорецот.
Надвор денот веќе забелуваше, па беа видливи црешовите гранки – потпрени до стаклата, а се гледаа и набабрените смолести пупки. Занесена во таа необична глетка, Мирјана праша:
– А каде е таа што наближува, мамо?
– Ќе дојде, по некој ден ќе дојде – мама ја гушна и ја легна во постелата да се доспие.
Ноќта росеше пролетен дождец, а кога светна утринското сонце, набабрените пупки се престорија во бледорозов цут. Мама го отвори прозорецот и тивко излезе за да не ја разбуди Мирјана. Но таа се разбуди од миризбата што ѝ ја исполни сета соба. Ги отвори очињата – и виде, првпат го виде тоа чудо, таа убавина.
– Леле, мамо, мамо – таа дојде! Побрзај да видиш – со дланчињата плескаше восхитено.

Од тоа утро, Мирјана ги памети сите мирисни доаѓања на пролетта – а за неа тоа беше денот кога ќе расцутеше црешата.
Од мама и тато, се разбира, научи дека црешата ја засадил дедо ѝ Петре – за своите деца и внучиња, и дека си заминал предвреме – затоа не го познаваа, ама по црешата го споменуваа. По дедо ѝ, заминала и баба ѝ, затоа и неа не ја познаваа, ама ја споменуваа со дедо ѝ и со црешата. Научи и дека кога цути црешата, долетуваат роеви пчели да собираат мед.
Откако ќе се срони бледорозовиот окит, се покажуваат листенцата – гранките ќе озеленат, а цветчињата ќе се сторат зелени топченца. Дозна дека тие зелени топченца ќе созреат – ќе станат црвени цреши… Најпрвин созреваа највисоките гранки: татко ѝ ги береше и на ушенца ѝ клаваше обетки. Мирјана се смееше и црвени црешички ја милуваа по обравчињата.
И мама се смееше, а тато гордо слушаше како неговата ќеркичка вели:
– Силен е тато! Најсилен од сите татковци на светот! Може сѐ да стори – да набере црешичка од највисоките гранки!