Перформансот со живи скулптури насловен „Ноќ во музејот“, кој неодамна го организира домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци, во режија на Микица Илова, имаше хуманитарен карактер. Парите што беа наменети за влезници, посетителите ги донираа за да му помогнат на младиот Христијан Јованов, за што поскоро да се соберат потребните средства за операцијата што му е неопходна.
Ова тринаесетгодишно момче боледува од леукемија, а за лекување во Љубљана, Словенија, се потребни 100.000 евра, кои неговите родители не можат да ги обезбедат. Поради тоа кавадарчани се на нозе и организираат низа акции да му помогнат на својот млад сограѓанин, а се приклучија хумани луѓе и фирми и од соседното Неготино.

Дека хуманоста се учи од мали нозе доказ се и младите актери од Театарот за деца во Кавадарци и многубројната публика што дојде да го погледне интересниот перформанс, кој првпат се организира во градот.
Живите скулптури, всушност, беа ликови од познатите бајки за деца: „Пепелашка“, „Убавицата и ѕверот“, „Волшебникот од Оз“, „Снежната кралица“, каубојот Док Холидеј… За неверојатно успешните маски се погрижи Сара Милевска. Ликовите ги оживеаја: Стојанче Вангелов, Ангел Милков, Смиља Бошкова, Сашко Орешков и Валерија Пашова, а режисерката Микица Илова беше лошата вештерка. Актерите Диме Боцев и Диме Коцевски ги толкуваа момчињата Тошко и Пеце, кои по грешка, наместо во лунапаркот, залутале во Музејот на живи скулптури и заедно со публиката преку низа комични ситуации ги откриваа ликовите од познатите бајки за деца. Ми.М.