Автор: Борче Димовски, ОУ „Марко Цепенков“ - с. Зелениково, ментор: Жаклина Бошковиќ Првонаградена ликовна творба на минатогодишниот училишен конкурс на Меморијалниот центар и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија

На 22 март 1943 година од Монополот во Скопје, адаптиран како транзитен логор, биле депортирани околу 7.144 Евреи, мажи, жени и деца, и биле испратени во нацистичкиот логор „Треблинка“. Никој од нив не се вратил. Се сеќаваме на овој тажен датум преку првонаградената литературна творба на минатогодишниот конкурс на Училишниот проект на Меморијалниот центар и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија

Никогаш да не се заборави

Денот ја победува ноќта. Утро е. Се будам, но темен облак ми лежи над душата. Зад завесите од тантела, сончевите зраци веќе се пробиваат во собата. Една срамежлива сенка ѕирка од таванот и приближувајќи се, ме фаќа за раката и заедно седнуваме до прозорецот. Пред нас, како вистински господин, се вишнее стариот орев.
Под сенката на неговата крошна си игра палаво девојче. Трча занесено лево-десно, си потпевнува нешто. Ме посетува на Адина, мојата најдобра другарка, која често доаѓаше под прозорецот на мојата соба и ме повикуваше за дружба. Јас, пак, бев таа „спанката“ што сакаше наутро да поспие подолго, но Адина секогаш ме чекаше стрпливо на клупата под стариот орев.
Низ мислите ми поминаа многу слики за случки што ги имавме доживеано заедно. Од една случка во себе носам илјада спомени!
Тагата ме притиска во градите, чувствувам грч на лицето, солзите се тркалаат по моите образи. Ме задушуваат голема празнина и самотија. Адина повеќе ја нема! Ги нема и другите деца од соседната улица што доаѓаа под стариот орев, па зелената мека трева знаеше да се претвори и во фудбалски терен. Тоа е мојот најдраг спомен од летните денови, поминати другарувајќи, сè додека не падне мракот.
Се менуваат годишните времиња, насмевката на летото згаснува во дождливите есенски денови. Последната заедничка есен, секое утро јас одев в училиште, а напладне Адина доаѓаше во мојот дом, за да ѝ го пренесам тоа што сум го научила. Децата од соседната „еврејска“ улица, како што ја нарекуваа сите, немаа право да посетуваат настава. Адина имаше голема желба да учи, да сознава нови нешта, да решава задачи, а најмногу од сè, сакаше да чита. Јас ѝ го пренесував сето она што ни го кажуваше наставникот и ѝ позајмував книги.

Сè до тој навидум обичен ден кога Адина воопшто не дојде во мојот дом, по моето враќање од училиште. Насетив дека нешто не е во ред и со брз чекор се упатив кон улицата каде што живееше. Таа беше празна, тивка, нема… Како нешто да навестуваше.
Наредниот ден ги одведоа. Сите нив – нашите пријатели Евреи. Адина повеќе ја немаше меѓу нас. Застанав пред нејзината куќа, ќепенците беа спуштени, а и другите куќи беа празни. Улицата беше обоена со сивило и темнина. Додека се враќав дома, ме обзеде тага, но и револт. Ги прашав моите родители зошто се случи ова, која е причината. Најпрво одговорот беше молк и кревање на рамениците, но потоа ми објаснија дека сите тие семејства ги одвеле само затоа што биле Евреи. Каде – никој не знаеше. Ништо не ми беше јасно – што треба да значи тоа? Зошто? Зошто ги одведоа? Одговорот повторно беше ист: „Тие се Евреи“.
Потоа дознавме дека Евреите беа носени во концентрациони логори на присилна работа, а таму беа и брутално убивани. Тие беа предмет на малтретирање, на медицински експерименти и нечовечки третмани што ги доведуваа до сигурна смрт. Тогаш првпат ја дознав целата сурова вистина што никако не можев да ја прифатам. Што беа тие поразлични од нас? Ние бевме сите исти, деца со добра волја, меѓу нас немаше разлики. Тие ништо лошо не направија, а беа одведени само затоа што беа родени како Евреи. Па, и тие беа луѓе, со свое име, свое лице и свој живот! Стравотно злосторство е направено врз еден беспомошен народ!

Не смееме да дозволиме времето да ја избрише реалноста и да го промени односот кон ова светско зло! Не смееме да останеме рамнодушни, треба еднаш засекогаш да престане каква било омраза меѓу народите. Холокаустот нека биде вечен потсетник за човековото безумие, но и поттик за вечна љубов и почит меѓу сите нас.
Денес седам и ги гледам розите што се наоѓаат пред мојот прозорец. Со многу грижа секојдневно ги одгледувам – во чест на Адина. Срцето ми е полно со јад, тага, солзи… Плачам тивко, тајно. Изговарајќи го нејзиното име, ги склопувам дланките и се молам за неа, гледајќи ја клупата под стариот орев, каде што заедно учевме и другарувавме.

Автор: Антониа Цветаноска, 8-1 одделение ОУ „Гоце Делчев“ – Битола Ментор: Емилија Прчкова