Од 7 до 11 октомври

Фестивалот на претстави за деца „Малиот принц“, манифестацијата посветена на најмладите, која веќе станува традиција за штипските деца, но и за цела Источна Македонија, почнува на 7 октомври напладне, кога на градскиот плоштад „Слобода“ ќе бидат претставени годинашните учесници.
– Кога сите луѓе на светот/ Како сите деца на светот/Кога би одлучиле да кажат да – Доста беше од солзи рој / Во светот лош, лош што беше/ За сега добар да е, добар и наш! Кога ќе го прочитаме годинашното гесло на фестивалот на претстави за деца „Малиот принц“, кое гласи: „За сите деца на светот“, сфаќаме дека не можеме, а да не си спомнеме на стиховите од песната на Арсен Дедиќ. Нека и годинава преку нашата насочена активност, театарските претстави, дадеме сериозен прилог кон желбата на децата – стварниот свет да го претворат во свој. Да го претворат во свет што ќе биде подведен на играта – бунт против гладот, болеста и несреќното детство! – вели уметничкиот директор на фестивалот, Трајче Кацаров.
Според програмата, на 8 октомври, во домот на културата „Ацо Шопов“, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи претставата „Трнорушка“, во изведба на НУКЦ „Трајко Прокопиев“ од Куманово, на 9 октомври, исто така во 19.30 ч., младите штипјани ќе ја погледнат пиесата „Зеленковци“ на театарот „Провокација“ од Скопје, а в недела, 10 октомври, во 12 часот, ќе се одржи симпозиум на темата „Местото на кукларството во современиот театар“. Фестивалот завршува на 11 октомври, понеделник, со изведбата на претставата „Јованче и Марика“ на Театарот за деца и младинци од Скопје.
Фестивалот, кој е единствен од ваков вид во нашата земја, е финансиски поддржан и од Министерството за култура.
Влезниците чинат само 100 денари.