Фестивалот „Весели ѕвончиња“ ќе се одржи овој викенд во Прилеп, според сите пропишани здравствени протоколи. Освен прилепските детски музички ѕвезди, настапуваат и деца од повеќе градови во нашата земја.
Како резултат на тоа што овој прилепски детски музички фестивал моментално е најактуелен на детското музичко ѕвездено небо, заслужено годинава се најде на програмата во детскиот блок и на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, каде што настапија учесниците од последните две фестивалски изданија. Песните од фестивалот постојано се пуштаат на локалните телевизии – посебно во утринските детски блокови, а целосната снимка од фестивалот секоја година се емитува на национална телевизија.
Новина е тоа што годинава на фестивалот има детски и тинејџерски музички блок и е поддржан со официјална видеоподдршка од голем број музички ѕвезди, меѓу кои се Јоце Панов, Миле Кузмановски и многу други.
Годинашното издание ќе понуди вкупно 17 новокомпонирани детски и тинејџерски песни, повеќето дело на Јана Илиеска, која е и креаторка на овој настан.