ТАЛЕНТИ: ИСМАИЛ ДУРМИШОВСКИ, МЛАД ГИТАРИСТ ОД ВЕЛЕС

Исмаил Дурмишовски е млад и талентиран музичар од Велес, а инструментот што го изучува е гитарата. Од оваа есен тој е средношколец, учи гитара во инструменталниот оддел во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Вели дека убаво се снашол во метрополата, но оти не го заборава родниот град каде што живее неговото семејство и каде што се неговите музички почетоци.
– Сакам искрено да им се заблагодарам на моите наставници по музичко во Велес. Тие го открија мојот талент, ме прифатија, ми овозможија да се претставам пред луѓето и да покажам дека музиката е убав начин да се покажат чувствата – вели средношколецот Дурмишовски.
Исмаил го добил музичкиот талент како семејно наследство.
– Потекнувам од музичко училиште. Мојот татко свири гитара, дедо ми исто така беше музичар, а сега јас и моите браќа ја продолжуваме традицијата. Мојот брат Есад свири виолина, брат ми Едис свири пијано, брат ми Емануел свири клавир.

За да се определам за гитарата пресудно беше влијанието на татко ми. Покрај него ја засакав гитарата – ни раскажа Исмаил.
Инаку, тој ни откри дека слуша различни музички жанрови, се труди да учи од постарите и да соработува со помалите. Неговата посветеност, секако, носи и резултати, а тоа се многуте дипломи од државните натпревари каде што најчесто освојувал прво место. Тој е чест музички гостин на разни општински манифестации во Велес, а настапува и во музичката програма на книжевни промоции. Во својот роден град тој настапи во рамките на годинашното Велешко културно лето.
– Љубовта кон музиката е најважна. Со љубов се постигнува сѐ – порачува тој.