Од весели гроздоберчиња, дечиња – зрели гроздови црвени и бели, зелени ластарчиња, пеперутки во боите на виножитото, буренца со вино и ракија, прекрасни сонца, булки, сите смајли-фаци, убавата Клеопатра со своите поданици, па до веселата македонска свадба и главните ликови на мјузиклот „Мама миа“, беа дел од традиционалниот карневал што се одржа викендов на Тиквешкиот гроздобер во Кавадарци.

За сите успешни групни маски се потрудија учениците од сите основни и средни училишта заедно со своите наставници и професори. Освен карневалското дефиле, секоја група имаше свои минути на градскиот плоштад пред многубројните гости и претставници на карневалските градови од Европа, бидејќи Кавадарци го има статусот на европски карневалски град.

Карневалската поворка, освен со претставниците од училиштата, беше збогатена со групните маски на балетското студио „Венус“ и на спортскиот танцов клуб „Линеја“, кои ги видовме и во прекрасната танцова точка, инспирирана од шпанската корида.
Ми. M.