Многу сум горда на моите ученици, кои покажаа истрајност, одговорност и пожртвуваност и покрај училишните обврски да се подготвиме максимално, вели наставничката Зорица Атанасова

Учениците од драмската секција при општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци смислија оригинален начин како најубаво да ја завршат учебната година. Напорно работеа по часовите со нивната наставничка по македонски јазик Зорица Атанасова и ги поканија на претстава своите соученици и наставници со следните зборови: „Ние учениците, секогаш сме подготвени за вас. Затоа ве покануваме да ги споделиме нашите способности и умеења, преку изведба на драмата „Бегалка“ од Васил Иљоски“.
Станува збор за ученици од шесто и од осмо одделение сите еднакво талентирани, вистински актери, кои смело застанаа на сцената од домот на културата „Иван Мазов Климе“ и ја одушевија публиката. Улогата на Ленче ја толкуваше Милица Трајкова, Бошко го играше Блаже Дамјанов, во улогата на чорбаџи Трајко силен впечаток остави Александар Стојков, како и Мери Ѓорѓиева во улогата неговата сопруга Велика. Тетката Мирка прекрасно ја долови Матеа Мукаетова, предизвикувајќи насмевки кај публиката, а вистинско дополнување на прекрасната актерска екипа беше Надица Коцева во улогата на убавата Донка како и Надица Атанасова во улогата на Евра.
– Многу сум горда на моите ученици, кои покажаа истрајност, одговорност и пожртвуваност и покрај училишните обврски да се подготвиме максимално – вели наставничката Зорица Атанасова.
Таа е задоволна од финалниот резултат и од одличните актерски способности, кои ги покажаа учениците на сцената. Добрата актерска игра и хармонијата што се чувствуваа на сцената со еднаков придонес на сите учесници беше наградена со бурен аплауз од публиката.