Креативноста на дело по повод Светскиот ден на храната

Во силна конкуренција на деца и млади низ светот, четиринаесетгодишниот Павел Милановски од Куманово е победник на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната.
Во соопштението испратено од тимот стои благодарност до хероите на храната, а тоа, како што велат, се земјоделците и работниците низ целиот синџир на снабдување со храна, кои, без оглед на околностите, обезбедуваат храна за нашите заедници и пошироко.
Оддавањето чест токму на овие херои го инспирира 14-годишниот Павел Милановски од Куманово да ги преточи својот уметнички талент и имагинација во победнички постер, кој им оддава чест на земјоделците како херои на храната #FoodHeroes. Павел ја освои првата награда во категоријата од 13 до 15 години на глобалниот натпревар на ФАО за постер по повод Светскиот ден на храната во 2020 година, во силна конкуренција на деца и млади низ светот. Како млад уметник, Павел има освоено многу други национални и меѓународни уметнички награди на теми поврзани со руралниот живот, одржливото живеење и грижата за животната средина.

Според победникот Павел, земјоделецот е суперхерој, а не некој што едвај заработува за живот, затоа тој смета дека не смееме да ги земаме храната и луѓето што ја произведуваат здраво за готово. Тие треба да бидат поддржувани да одгледуваат разновидна храна за да ги нахранат луѓето и да ја одржуваат нашата планета.
– Кога бев мал, моите родители често ме носеа во блиско село за набавка на свежи производи произведени од локален земјоделец. Ме учеа дека со избирање локално произведена храна можеме да им помогнеме на малите земјоделци што ја произведуваат нашата храна, на нивната локална економија, но и на животната средина. Да се почитува храната значи да се почитуваат производителите на храна и природните ресурси во нашата животна средина – вели Павел.
Желба на ова талентирано момче е да го продолжи школувањето во средното уметничко улиште „Лазар Личеноски“ во Скопје.