Во дворот на СГУС „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Во дворот на СГУС „Браќа Миладиновци“ – Скопје во саботата беше реализиран завршниот настан на проект поддржан од Град Скопје: „Од центарот кон периферијата, културата како алатка за социјален развој“ – „Убавината е во различноста“.
Проследивме и видеоприказна, која ја изработи менторката Анета Велкоска со своите ученици од ООУ„Браќа Миладиновци“-Скопје: Лила Костова, Матеј Куноски и Вања Вајагиќ од 2-б одделение. Техничката обработка е на Драган Костов, 7- б одделение. Менторката Анета упати благодарност до Музејот на градот Скопје и до родителите што помогнале во реализацијата.
Презентацијата, во која учениците низ збор и слика раскажаа за значењето на празниците Велигден и Бадник и за традиционалната македонска кујна, почна со фотографии на прекрасни македонски везови и со зборовите: „Македонија е земја на многу култури, традиции, обичаи. Сите тие заедно се ризница на македонското тло. Затоа ние треба да ги почитуваме, да ги негуваме и да ги пренесуваме од колено на колено, на идните генерации. Корените на денешното време и дострели се длабоко во минатото. Поврзете се со нив преку прикажаните презентации на ученици во кои се содржи духот на времето во кое се создадени и носат приказна што го привлекува вниманието на сегашноста. Доброто пријателство бара две работи: да најдеш сличности и да ја почитуваш различноста. За да бидеме вистински пријатели, од голема важност е да ја изградиме верноста како наша морална особина.

Ако сме лојални, ќе можат нашите пријатели да се потпрат на нас и во добро и во лошо. Во Библијата е речено ’верниот пријател е сигурна заштита; кој го нашол – нашол големо богатство’. Доказ за тоа е нашето пријателство со Хатиџе, со која ја добивме титулата најдобар наставник на Град Скопје, но и станавме добри пријателки. Научивме една од друга за нашите празници, обичаи, почитување и толеранција. Голема благодарност до учениците, родителите, Музејот на Македонија, невладината организација ’Нов импулс’ за соработката, како и на ансамблот ’Никола Јонков Вапцаров’ за носиите“.
Убав чекор да се постигне и целта на проектот, да се воочи убавината на различноста.
Дел од проектот беа и членовите на ансамблот „Седенка“. Мултикултурна презентација имаше и Хатиџе Тополи, наставничка во ООУ „Петар Здравковски-Пенко“ во Скопје, а своите стари носии ги покажа колекционерот Дамјан Ристовски.
Презентацијата со наслов „Од семе до леб некогаш и денес“ беше на проф. Снежана Георгиевска во скопското СУГД „Браќа Миладиновци“, а професорката Гордана Секоска ни говореше за зачински, лековити и ароматични растенија.
Со поздравно видео се обрати Билјана Вуловиќ, наставничка од Србија, која имаше и презентација насловена „Српска ризница“.

Завршна мултикултурна презентација имаше„Нов импулс“ од Скопје.
Сите ученици и директорката на гимназијата „Браќа Миладиновци“, Елизабета Анѓелеска, дадоа сѐ од себе настанот да биде успешен.