Издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје, деновиве објави уште три нови книги како дополнение на антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“, од која првите десет дела беа објавени пред една година. Новите три книги се: „Приказните на Фанг Гуози“ од Џоу Жуи, „Летото на Поер“ од Џанг Ѓие и „Животот е живот“ од Џанг Хаиди. Преведувачи се Елена Саздовска, Сибел Ајдинова и Анета Пауновска.

Антологиската прозна едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ „Македоника литера“ ја реализира како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитани современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите, кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.

„Приказните на Фанг Гуоѕи“ на Џоу Жуи (1953) содржи 14 раскази, кои се поврзани со ист лик и претставуваат своевидна целина. Жуи е уредник на издавачката куќа „Народни ликовни уметности“ од Шангај. Во неговите дела се вбројуваат: „Хумористична верзија на чудните приказни од едно осамено студио“, „Премиерот има петмина толкувачи“, „Комарците грицкаат комарци“, „Ун и Ах“, „Двајца велики генерали“, „Учителката во училишната чанта“, „Кинескиот зајак и германската трева“, „Големиот глушец и малата мачка“ и „Боата на оперската сцена“. Осум пати е добитник на највисоките награди за книжевност за деца во Кина. Џанг Ѓие (родена во 1969 година) за својата книга „Летото на Поњер“ избрала 11 раскази. Најпознати нејзини книги се: „Девојката која чука на вратата“, „Тајната територија“, „Тајната на пубертетот“, „Бакнувајќи ја мојата дрвена ограда“, „Кога цвеќињата расцутуваат“, „Вечниот гулаб“ и „Сонцето блеска“. Покрај овие книги, таа ја има преведено и „Волшебниот свет на Мики Маус“. Добитничка е на три високи книжевни награди. Џанг Хаиди (родена во 1955 година) е претседателка на Кинеската федерација на лица со посебни потреби и е позната активистка во кинески и меѓународни организации за овие лица. Нејзините поважни романи се: „Сон во инвалидска количка“ и „Самит“.

Нејзини најпознати прозни дела се „Прозорец со отвор кон небото“ и „Животот е живот“. Нејзини преведувани дела се: „Клиника на крајбрежјето“, „Ребека во новото училиште“ и „Патопис на малечкиот воденичар“. Кај младите Кинези таа е позната како Сестра Хаиди.