Својата раскошна фудбалска дарбамладиот спортист ја покажа кога заигра за клубот Инферно во локалната лига во Чикаго,каде што моментално е трет на листата на стрелците, со девет гола

Фудбалот и спортот се значаен дел од секојдневието на 15-годишниот Томислав Петковски. Уште од најмали нозе, тој со својот татко одел на сите натпревари што ги играла македонската фудбалска репрезентација. Без фудбалот, членот на екипата на клубот Инферно во Чикаго, САД, ова талентирано момче не може да си го замисли животот.
– Љубовта кон фудбалот ја наследив од мојот татко, кој своевремено тренираше во младинските фудбалски школи на Вардар и Работнички. За разлика од него, јас уште од најмали нозе, до одењето во Америка, тренирав во фудбалската школа на некогашниот истакнат фудбалер на Вардар, Јовче Џипунов – вели скромниот Петковски за своите почетоци.

Полн со натпреварувачки менталитет, но и со натпросечни квалитети, Томислав е талент за многу спортови, меѓу кои и за кошарка, каде што го краси извонредна шутерска прецизност. Сепак, фудбалот му е најдраг спорт, за него сѐ би дал само да игра. Тоа, секако, не остана незабележано од страна на тогашните тренери, но сепак по преселбата во САД, пред четири години, имаше мала пауза додека се вклопи во училиштето и тамошниот живот. Својата раскошна фудбалска дарба ја покажа кога стана фудбалер на клубот Инферно, кој игра во локалната лига во Чикаго.
– Играм во одбрана, но успешно се истакнав и како реализатор на голови, па, така, моментално сум трет на листата на стрелците во целата тамошна лига – истакна перспективниот Петковски.

Со своите 15 години, тој е најмладиот член на клубот, но и едногласно од сите негови соиграчи избран за капитен на екипата. Тој е одличен ученик, со мирен карактер, многу амбициозен, физички одлично подготвен за својата возраст, кој вредно тренира секој ден, со една цел во животот.
– Сакам еден ден да успеам како спортист и да станам познат фудбалер, како што се многу денешни ѕвезди – вели голгетерот Петковски.