Владо Димовски

Време е да почнеме да ја подгреваме предновогодишната манџа.
Во семејството Диневци:
– За Нова година одиме во Битола, кај мојот пријател Петре. Со воз.
– Со теретен или со шинобус?!
– Со патнички, жено, со патнички.
Да, со патнички. Но теретниот воз кај нас е товарен. Ние не велиме терет, туку товар. Не велиме оптеретен, туку оптоварен.
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!