Лабрадорот е раса на куче што станува посебна на почетокот на 19 век, а дотогаш било познато како кучето на Свети Јован. Дури кога од северноамериканскиот континент пристигнува во Англија, го добива името по истоимената канадска област од каде што потекнува. Овие големи и весели кучиња се најбараните миленици во голем број земји, не само поради тоа што се мили и со добар карактер туку и затоа што се многу интелигентни и корисни. Им помагаат на војската и на полицијата, особено во потрага по дрога, одлични придружници им се на слепи лица и на лица со инвалидитет, а одлично се согласуваат и со децата. Извонредни пливачи се и секогаш расположени за игра.
Лабрадорите се склони кон дебелеење, па затоа треба да се носат секој ден на долги прошетки.