Што е ова? Ваков инструмент не сум видел, не сум чул, шепотеше Сергеј. Морам утре
да ја прашам мама. Таа сигурно знае. Полека се врати во креветот со книгата во рака. Ја стави под перница и слатко заспа…

Сергеј го прослави својот петти роденден. Имаше многу деца. Токму како што си замислуваше со месеци пред да се случи тоа.
И откако сѐ заврши, сам во собата и среќен дека неговиот помал брат веќе заспа, се искраде од креветот и почна да ги разгледува многуте подароци.

Имаше сѐ и сешто: топки, тренерки, капи, шалчиња… и една интересна книга, на која пишуваше „Музички инструменти“.
Сергеј многу сакаше да пее, а ги знаеше и буквите, па кога го прочита насловот почна заинтересирано да ја врти книгата… Во неа имаше гитара, хармоника, тапани, виолина… На секое вртење на страниците ги препознаваше инструментите и беше среќен.

Стана полека и го отвори шкафчето каде што стоеја играчките. Меѓу нив имаше и една гитара што ја доби на подарок од вујко му. Ја зеде и повторно седна покрај книгата. Не знаеше сѐ да прочита, но оваа книга му се виде интересна.
Вртејќи ја така ги помина синтисајзерот, пијаното што беше исто како нивното во дневната соба, кавалчето од дедо му што го чуваше уште од кога бил дете.
Сергеј беше толку задлабочен во разгледувањето што не забележа дека веќе е многу доцна. Но одеднаш виде нешто непознато. Еден нацртан инструмент што не можеше да го препознае. Никогаш го немаше видено.

– Хммммм – шепотеше Сергеј. – Што е ова? Ваков инструмент не сум видел, не сум чул. Морам утре да ја прашам мама. Таа сигурно знае.
Полека се врати во креветот со книгата во рака. Ја стави под перница и слатко заспа.
Но сонот му донесе нешто неочекувано, многу интересно. На една ливада свиреше голем оркестар. Тој му се приближи. Имаше многу свирачи. Диригентот им даваше знак со палката, а тие свиреа една убава песна. Одеднаш Сергеј виде ден чичко како свири на неговиот таен инструмент. Беше љубопитен, се доближи до него и слушаше како свири. Сега беше сигурен дека тоа е тајниот инструмент.

Ненадејно оркестарот престана да свири. Сергеј се уплаши дека некој ќе го види, но тоа не се случи. Го слушна гласот на диригентот:
– Соло-саксофон за почеток – зборуваше.
И вчудовиден Сергеј виде дека чичкото со тајниот инструмент почна да свири. Како се вика? Саксофон!!!

Радосен што го научи името на тајниот инструмент Сергеј почна да трча за побрзо да стигне кај мајка му и да ѝ каже.
Тогаш ги отвори очите и виде дека утрото го гали, а мајка му го буди за во градинка.
Сергеј насмеан и задоволен шепна:
– Не мора да ја прашувам мама. Овој инструмент е саксофон!