Тамара Груевска (11) од Гостивар го освои највисокото признание, гран при, на 21-от интернационален детски фестивал „Ѕвездички“, кој се одржа неодамна во Прилеп. Таа, исполнувајќи ја композицијата „Музиката во мене има дом“, ги освои симпатиите на фестивалското жири, кое ѝ ја додели најпрестижната награда.
Забележителен успех на фестивалот постигна и Злата Латишевиќ, која со композицијата „Волшебна приказна“ ја освои првата награда. Со први награди во различни категории се закитија: Дијана Улиханјан од Русија за композицијата „Мојот татко Ерменец“, Дарија Филина од Русија со композицијата „Поларна ѕвезда“, Јана Црномарковиќ од Србија со композицијата „Кој знае да сонува“ и Јана Мрческа од Македонија со композицијата „Слатка тајна“.
На фестивалот беа исполнети 15 нови композиции, од кои некои има големи шанси да станат вистински хитови, а македонските учесници ќе бидат претставници на неколку меѓународни фестивали.
Младите таленти од фестивалот „Ѕвездички“, пак, очекуваат дека в година, на 22-то издание, атмосферата ќе биде уште поубава, поведра и дека, како и во изминатите години, ќе се врати вистинскиот сјај, со учество на многу учесници од повеќе земји од светот. Ка.М.