Наградените ученици

Желбата на иницијаторот, писателот Горјан Петревски, оваа манифестација да стане републичка е на добар пат да се оствари в година, со поддршка од локалната самоуправа

Се одржа литературната манифестација „Есен во Гази Баба“

„Ти што ќе стоиш на Гази Баба потомче – чуј: одовде и јас Скопје сум го гледал…“, со овие стихови Блаже Конески почнува една своја позната песна посветена на Скопје. Но не е случајно што токму ова место било негова инспирација, бидејќи минатата недела, на 31 октомври, во холот на ООУ „Григор Прличев“, се одржа литературната манифестација за ученици „Есен во Гази Баба“.

Покровител на манифестацијата и оваа година е локалната самоуправа, а „Есен во Гази Баба“ е дел од прославата на Денот на општината – 3 ноември. Манифестацијата се реализира и во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија.

Претходно на општинско нивно беше објавен литературен конкурс на темата „Есеј во есен“, на кој се пријавуваа ученици од сите 11 основни училишта. Жирито, по разгледувањето на пристигнатите творби, заклучи дека квалитетот на есеите, не само што ги задоволува критериумите, туку и ги надминува очекувањата.

– Издржаноста на пристигнатите творби може само да нѐ радува што во единаесетте основни училишта, колку што ги има во општината Гази Баба, има толку многу талентирани млади творци. Вистинско задоволство е да се констатира дека од година на година добиваме сѐ поквалитетни и позрели творби од младите литерати – рекоа организаторите.

Писатели и ученици читаа свои творби

Најдобрите есеи беа прочитани пред присутните, а пораката од оваа манифестација е да се негува македонскиот литературен збор и да се инспирираат учениците повеќе да творат и да ја развиваат својата мисла.

Познатиот македонски писател за млади Горјан Петревски, кој е идеен творец на манифестацијата, изрази желба во иднина таа да стане републичка. А градоначалникот на општината Гази Баба, Борис Георгиевски, вети дека заедно со својот тим ќе стори сѐ тоа и да се реализира веќе од наредната година.

Овој празник на убавиот пишан збор го проследија голем број ученици, наставници, гости и секако писатели за деца, кои се претставија со свои творби, а ги слушнавме и есеите на наградените ученици: Ива, Дамјан, Елена, Давид, Ива, Агапија, Илина, Даниела, Марија и Ангела, а заедно со нив дојдоа и нивните ментори.

Сите добија диплома и примерок од книгата „Исто очи“ на Горјан Петревски, а од Советот за грижи и воспитување на Македонија како подарок добија можност идното лето да бидат дел од литературен камп во летувалиштето „Радости“, покрај Охридско Езеро.

Како што рече писателот Петревски, тоа за сите ќе биде своевидна школа за идни писатели.

Горјан Петревски

Авторите: Вера Андон, Пунторие Муча Зиба, Ксенија Маказлиева, Стојан Арсиќ и Перо Миленкоски прочитаа дел од своите творби и посакаа во иднина да има уште повеќе вакви литературни манифестации.

Исто така, писателот Милован Стефановски им одржа реч за Блаже Конески на учениците, но и на сите присутни им откри и една тајна поврзана со животот на нивниот патрон Григор Прличев, што е тема и на неговиот последен роман „Деспина“, како што се викала и големата љубов на нашиот голем поет.

По завршувањето на манифестацијата, во дворот на училиштето писателите насадија три јаболкници, а потоа следуваше прошетка и до парк-шумата Гази Баба.


И кога врне дожд не заборавај ја насмевката!

Отсекогаш се прашував кое годишно време е најубаво? Не ми беше јасно дали зимата или летото ги носат најубавите моменти во животот? Сега кога малку пораснав сфатив дека сите носат понекој драг спомен. Но, мене само едно годишно време ми докажа колку е убав животот – есента. За мене е посебна бидејќи ме научи и кога врне дожд да не ја заборавам насмевката длабоко под грижите, да ги сакам животните и да ја доживеам природата. Ми покажа кој е мојот херој и како да уживам во моментот сѐ дури не стане едно од многуте сеќавања…

Извадок од есејот „Убав е животот“ на Деспина Стојановска, деветто одделение, ООУ „Кирил и Методиј“ – Стајковци, Скопје, објавен во книгата „Крајезерски бранувања“