Нашиот нов проект има цел да ја користи обединувачката моќ на уметноста, на тој начин актуализирајќи ги заборавените културни вредности и обележја, со подигнување на свеста кај сите учесници за вредноста на европското културно наследство, вели професорката Соња Панева

Средното економско правно училиште на градот Скопје, „Васил Антевски-Дрен“ се закити со уште еден нов проект од програмата „Еразмус+“. Тие минатата недела беа домаќини на втората транснационална средба и реализираа многу интересни активности.

Која е целта на проектот, какви активности се предвидени во рамките на истиот тој, ни раскажа координаторката на проектот, професорката м-р Соња Панева:

– Новиот проект „Обединувачката моќ на уметностите“ (Unifying power of arts), кој е добиен во рамките на програмата за европски образовни програми и мобилност „Еразмус+“, стратегиски партнерства меѓу училишта, се засновува на идејата дека уметноста е моќна алатка за откривање и вреднување на културните разлики, се фокусира на собирање различни култури заедно за да ги разруши предрасудите и да ја зголеми хармонијата на општествата во кои живееме. Нашиот нов проект има цел да ја користи обединувачката моќ на уметноста без предрасуди во бесконечност: откривање на богатството на уметноста во културите, придонесувајќи за повторно откривање на заборавените културни вредности и обележја, подигнување на свеста кај сите учесници и пошироко, за вредноста на европското културно наследство: зголемување на креативноста и зајакнување на вештините во наоѓањето интересни скриени обележја, артефакти од минатото на еден народ, обичаи, боите на народната носија, звукот на народните инструменти, кои се користеле во минатото, легенди, преданија и сл. За сите учесници, најмногу за учениците што учествуваат во проектот, најголема бенефиција е користењето на англискиот јазик, ИКТ и комуникацијата, подобрување на способностите за работа во транснационални тимови и воспоставување вештини за раководење со проектот – објасни професорката Панева.
Проектот ќе трае 24 месеци во партнерство со пет европски земји. Покрај Македонија, учествуваат и Турција, Романија, Хрватска и Литванија. Проектниот тим вклучува околу 100 ученици и 10 наставници, администратори и други потребни соработници. Учениците ќе бидат вклучени во сите мобилности и се очекува повеќе од 7.000 луѓе да имаат корист од проектот индиректно.

За време на мобилноста, партнерите ќе присуствуваат на состаноците и ќе направат презентации за да ги запознаат со своите култури, големите личности во нивните истории, игрите што ги играат нивните деца и млади, нивните традиционални танци, музика, музички инструменти, уметност како и познати уметници. Учениците ќе спроведат прашалници во нивните земји за да ги откријат предрасудите на својот народ кон народот на земјата-домаќин и тие ќе разговараат за резултатите од прашалниците и ќе даваат предлози за разбивање на предрасудите.

Во Македонија, учесниците во проектот имаа средба со градоначалникот Петре Шилегов, со заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов и со заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

– Запознавањето со убавините на нашата земја, Старата скопска чаршија, црквите „Св. Спас“ и „Св. Димитрија“, „Чифте-амамот“, „Куршумли-ан“ и др. придонесе гостите да се понесат со веселиот дух и шареноликоста на архитектурата. Го посетија бисерот на Балканот – Охрид каде што остварија работилница во ателјето на филигранскиот мајстор Методија Филев. На враќање кон Скопје, гостите со нивните ученици ја посетија Битола, Широк сокак и Спомен-собата на Ататурк. Во рамките на проектот исполнет со активности и интересни нешта, сите учесници научија нешто ново, нешто што ќе остане врежано како траен спомен, но најважно е што се вмрежија и остварија многу нови пријателства, кои претставуваат вистинско богатство за секого – сподели Панева.

Ученици од СЕПУ „В.А.Дрен“, вклучени во програмата „Еразмус+“