Во Струмица, викендов, се одржаа 17-тите „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, манифестација во чест на ликот и делото на еден од најпознатите и најплодни писатели за деца во македонската книжевност.

Во рамките на манифестацијата се одржаа книжевни разговори под мотото „Творештвото на Видое Подгорец – патоказ за современата литература за деца“, на кои учествуваа: писателот Киро Донев, проф. д-р Мито Спасовски, д-р Ана Витанова-Рингачева, Ксенија М. Трајчева, Сузана Мицева, Горјан Петрески, Ванчо Полазаревски, Тања Гошева, Весела Богдановиќ, Иван Котев и Ацо Гогов. Модератор беше поетот и новинар Ѓорги Калајџиев.

Се одржаа и две креативни работилници на ученици со писателите, во центарот за култура „Антон Панов“ и во Колешино, родното место на Видое Подгорец.
Годинава се распиша и литературен конкурс на слободна тема за учениците од основните училишта, на кој пристигнале 600 творби од повеќе од 120 училишта од државата.

Конкурсот беше во три категории. Во првата ученици од второ и трето одделение, во втората ученици од четврто и петто одделение, а во третата ученици од шесто до деветто одделение.

Организатор на манифестацијата е здружението на граѓани „Средби под јаворите – Видое Подгорец“, заедно со „Просветно дело“.

Првпат оваа манифестација е одржана на петгодишнината од смртта на писателот Подгорец. Настанот е поддржан од општините Струмица и Ново Село, а училишта домаќини се „Видео Подгорец“ од Струмица и истоименото училиште од селото Колешино.