Основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево неодамна беше домаќин на спортски активности, како дел од проектот „Унапредување на социјалната кохезија во Македонија“, финансиски поддржан од УСАИД.

Сите спортски активности за учениците од третите одделенија ги организираа домаќините, а гости им беа учениците од ОУ „Хасан Приштина“ од населбата Чаир во Скопје. На отворањето на активностите, предвидени со овој проект, во спортската сала „Христо Узунов“, на присутните им се обрати директорката на училиштето домаќин, Анета Божиноска.

– Китката од различните цветови најубаво изгледа и уште поубаво мириса. Ние подаваме рака за соработка, за мирен соживот и дијалог. Ќе ги надминеме стереотипите и предубедувањата кога на празниот лист хартија од Џон Лок ќе го напишеме другарството и, ќе ја најдеме заедничката цел да бидеме среќни и задоволни од сработеното – рече Анета Божиноска.

Од страна на ЕЛС-Кичево беа обезбедени маички со логото на општината за сите ученици вклучени во проектот, а училиштето домаќин доби донација, која се состоеше од спортски реквизити.