„Дали бајката може да опстане во денешниот свет, може ли да ѝ парира на современата технологија, на компјутерските игри и 3Д-анимацијата? Секако дека може и тоа токму во театарот“, вели Давор Драгоевиќ, режисер од Црна Гора. Тој ја режираше куклената претстава „Јованче и Марика“, според драматизација на Дарко Ковачевски и Надја Василевска, која премиерно беше изведена во Театарот за деца и младинци во Скопје.

Оваа успешна година театарот ја завршува со бајка на браќата Грим, со убави пораки до децата за семејните вредности, за љубовта, за вечната борба меѓу доброто и лошото.

Нема дете што не растело со приказните на браќата Грим, а тие се првиот чекор да го засакаат театарот. Претставата е за деца од три години нагоре, а ликовите ги оживеаја актерите: Катерина Илиевска-Силјановска (Јованче), Марија Ѓорѓијовска (Марика), Драган Довлев (Таткото), Ана Левајковиќ-Бошков (Вештерката) и Ангела Димитрова (Гуската).

Претставата е на репертоарот по новогодишните и божиќните празници.