Иако починал во Париз, срцето на Шопен, според неговата последна желба, е пренесено во црквата „Светиот крст“ во Варшава

Фредерик Франсоа Шопен го славел роденденот на 1 март, иако во неговата крштеница пишува дека синот на Французинот Николас Шопен и на Текла Јустина Кужиновска од Полска е роден на 22 февруари 1810 година. Славниот пијанист и композитор го здогледал светот во местото Желазова Вола, во близината на Варшава. Избирањето друг датум за славењето на роденденот ќе биде само првата од многуте пригоди во кои Шопен ќе тера по свое, а токму таа своеглавост ќе го издвои од другите и ќе го направи неговото дело ненадминато.

Кога велиме ненадминат, мислиме на 74 дела за клавир, кои до таа мера се предизвикувачки, што стручњаците тврдат дека нивната изведба бара врвна подготвеност на интерпретаторите, односно не може да ги отсвири кој било пијанист.
Родителите рано увиделе дека синот им е особено надарен за музика, па неговиот татко почнал да го подучува. Но синот за кратко време го надминал! Добил друг професор, полскиот виолинист Војчех Живни. Малку е да се каже дека брзо напредувал, на 7 години компонирал две музички дела, две полонези, а со 8 веќе одржувал самостојни концерти. Низ Варшава набргу осамнал насловот: „Новиот Моцарт е роден“. Станал многу познат и речиси немало благородничка забава што не ја разубавил со своите настапи.

* * *
Кутриот учител Војчех не чекал другите да му го кажат тоа, туку самиот признал дека Шопен музички го надминал како брз воз. Тогаш на сцената стапнал новиот музички педагог Јожеф Елснер. Тој бил строг, но ја почитувал музичката ширина на Шопен и му дозволувал самиот да управува со своето свирење. Младиот пијанист почнал многу да патува и да одржува концерти низ цела Европа. Критиките за неговите настапи некогаш биле одлични, но имало и исклучоци. Но тоа не го вознемирувало, тој продолжувал како ништо да не се случило. Но не било така кога првпат се вљубил во пејачката Констанца во 1829 година. Тогаш го сретнал и познатиот виолинист Паганини, што исто така имало силно влијание на неговата работа. Паганини, исто како и тој, се сметал за ново музичко чудо.

* * *
Кога во Варшава се случила револуцијата против руските окупатори, Шопен бил во Австрија. Бил решен да се врати во татковината, но пријателите го наговориле да отпатува за Париз, градот на уметноста. Освен што таму се спријателил со Балзак и со Шуман, Шопен во Париз се вљубил во француската писателка Жорж Санд, иако тогаш веќе бил оженет со пијанистката Клара Вик Шуман. Љубовта со Жорж ќе го следи до крајот на животот, а подоцна тоа ќе поттикне многу писатели во своите дела да посведочат за тоа.

* * *
Во 1835 година добива тешко воспаление на белите дробови, па некои весници веднаш почнале да ја најавуваат неговата смрт. За да ја подобри здравствената состојба, со Жорж Санд заминува во Шпанија и таму почнува да компонира повеќе од кога било. Во тој плоден период е создадено и неговото најпознато дело „Полонеза во Ас-дур“. Откако раскинува со својата голема љубов, заминува на турнеја во Англија, но тамошната клима била кобна за туберкулозата од која боледувал. Веднаш по враќањето во Париз, умира на 17 октомври 1849 година, на 39 години. Неговиот погреб бил обележан со она што го следело целиот живот – музиката. Неговото срце, според последната желба, е пренесено во црквата „Светиот крст“ во Варшава.