Сите уживаа во подготовките

Не станува збор за декларативна и симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, инклузија, зашто се базира на обострана желба на танчарите и актерите, на огромна љубов на едните – за танцување, на другите – за играње на сцена во нивните колички, вели Kатерина Јолакоска, авторка на оваа уникатна претстава

„Можна ли е Пепелашка во новово време? Или нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време?“, прашуваат од балетското студио „Еурека“, чии членови, на чело со Катерина Јолакоска, застанаа со срце и душа зад овој амбициозен, но многу важен проект, не само за нив, туку и за сите хумани луѓе, за кои попреченоста е само различност, но и шанса постојано да се бараат нови предизвици во животот.
Премиерата на инклузивна танцова претстава ,,Пепелашка“, прва од ваков вид во регионот, ќе се случи вечерва во 20 часот, на големата сцена на Македонската опера и балет, во целосна организација на „Еурека“, од идеја до реализација.

– Без оглед на различните способности на лицата со попреченост, низ оваа сценско-уметничка форма, успеваме да ја покажеме вредноста на човекот, да ги промовираме толеранцијата, хуманоста, емпатијата и љубовта кон човечкиот род. Токму релацијата лице СО и лице БЕЗ попреченост е основното врзивно ткиво на овој зачудувачки сценско-драмски-танцувачки проект со млади танчари од студиото „Еурека“ и инвалидизирани лица, што се движат со помош на колички – ни откри Катерина Јолакоска.

Сакајќи да одговори на прашањата: како да се зближиме, како да си помогнеме, како да се прифатиме и зафаќајќи се тематски за ова сиже на познатата бајка за Пепелашка, таа заедно со сите што учествуваа во реализацијата, ги постави овие прашања и низ играта, танцот се обиде да даде одговори и да понуди нов вид инклузија.

– Не станува збор за декларативна и симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, инклузија, зашто се базира на обострана желба на танчарите и актерите, на огромна љубов на едните – за танцување, на другите – за играње на сцена во нивните колички. За едните се најважни чекорите, за другите – тркалата на количките, но заедно се исполнуваат наметнатите задачи, се совладуваат многуте препреки на патот и рамноправно се освојува сцената. Иако, новата зачудна Пепелашка е фрлена во ново време, а преполно со омраза, завист, љубомора како и во старото време, со кои нема помирување, туку сузбивање, вечна борба со злото. Нашата Пепелашка веќе не е кревка, плашлива девојка, туку храбра, силна личност, подготвена за најразлични предизвици, не само на сцената, туку применливо искуство и во животот. Сонот да танцува, да игра, да пее, и на сцена и во животот, не може да го прекине ни отчукувањето на часовникот – ни рече Катерина Јолакоска.

Во балетското студио „Еурека“ веќе две години вежба инклузивната група.
– Во „Еурека“ претходно имаа неколку кореографии и добија идеја да направат поголем проект во оваа насока. Инаку, „Пепелашка“ имаше претпремиера лани во септември, во Заечар, Србија, а еве сега ќе може да ја погледне и македонската публика. Ова за сите нас е голем настан, зашто првпат на сцената ќе се најдат лица со типичен и нетипичен развој – вели Оливера Савеска, мајка на Марија Савеска, која ја игра Пепелашка.

Заедно со Марија, исто така во инвалидски колички на сцената ќе бидат и Мики Стојановски, (принцот), Јована Јовановска и Дени Жерновска, како пријателки на Пепелашка.

– Четворицата уживаа во секој миг, не само сега за време на подготовките, туку од првиот ден кога станаа членови на инклузивната балетска група. Со голема љубов тренираат и во кореографиите внесуваат и свои идеи, даваат предлози,
се консултираат, менуваат. Заедно со нив на сцената се и балерините: Елена, Ивана, Стефани, Ања, Теа, Наде и Петра – додава Оливера.

Таа дополни дека некои до песните во претставата ги отпеале Мики и Марија, а снимките се направени во студиото на Кристијан Габроски.

Изборот на музиката за балетот го направи Катерина Јолакоска.

Таа е и уметничка директорка на проектот, авторка и на сценариото и на кореографијата. Асистентка кореографка е Елена Чекова. Режијата е на Снежана конеска-Руси, а во бајката ќе нѐ воведе Ирена Спировска.

Во стручниот тим се и дефектологот Јелица Салтирова и педагогот Даниела С. Кочијаева.

На сцената во интересни улоги ќе ги видиме и: Теа Тодорова, како маќеата, Теодора Јолакоска, мајката на Пепелашка, Елена Чекова и Стефани Кралевска ги играат нејзините сестри, самовила е Ивана Чепуњоска, а настапуваат и: Ања Јолакоска, Петра Кантурска, Наде Андова и Тамара Богатиновска.

Марија Савеска ќе биде Пепелашка