Авторката на „Букварот на Биби“, Биљана Црвенковска, објаснува дека тој е замислен како книга за доедукација. Целта е учење низ игра со омилените ликови на децата од проектот „Светот на Биби“

Секоја нова книга за деца е радост и за авторите и за младите читатели, бидејќи отвора нови светови, буди креативност и нѐ поттикнува да истражуваме, но преку нејзините страници да учиме и да се надградуваме.
Токму едно такво богато и интересно издание, наменето за едукација од најмала возраст, беше промовирано минатата недела. Поради пандемиските услови се одржа онлајн промоција на изданието „Букварот на Биби“ – наменето за учење на печатните и ракописните букви. Негови автори се писателката Билјана Црвенковска, уметничкиот директор и илустратор Михајло Димитриевски и графичката дизајнерка Катарина Пренда.

И сликовница и боенка и цртанка и вежбанка

– „Букварот на Биби“ е и книга и сликовница и боенка и цртанка и вежбанка. Тој е и ука и наука, и поука и игра. Овој буквар може да биде и сака да биде буквар за секое дете. Тој колку што е буквар за секое дете е буквар и за секој возрасен. Возрасниот ќе му помогне на детето да ги проследува содржините, да ги следи буквите, да ги направи вежбите и да научи да чита додека сѐ уште е во фаза на слушател. „Букварот на Биби“ има и забавен карактер, но тоа е така само на прв поглед. Зад забавниот карактер се крие, ненаметливо, неопходната дидактика. Од првата до последната страница, од првата до последната научена буква, „Букварот на Биби“ нуди развивање на визуализацијата на читателот, како и на фините моторни вештини. Како? Преку цртањето и боењето, а потоа и преку пишувањето. Но тој нуди развој и на емоционалните вештини преку прераскажувањето, раскажувањето, дораскажувањето и преку пеењето – рече во дел од обраќањето промоторката проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по Книжевност за деца при Филолошкиот факултет на УКИМ.
Таа даде свој осврт на најновиот едукативен производ од „Светот на Биби“.
На промоцијата покрај авторите, за букварот дискутираа и рецензентката д-р Тамара Ќупева, проф. д-р Кирил Барбареев и одделенската наставничка Светлана Бебекоска.
Авторката на „Букварот на Биби“, Биљана Црвенковска, објаснува дека тој е замислен како книга за доедукација. Целта е учење низ игра со омилените ликови на децата од „Светот на Биби“.
– Букварот не претендира да биде употребуван во наставата, од проста причина што е многу повеќе од букварите и учебниците што се користат во наставата. Пред сѐ, тој е наменет за една поширока публика, за децата од предучилишна возраст, но и за оние од прво, второ, па дури и трето одделение. За малечките – тој е извор на приказни, песнички, гатанки, брзозборки и секако – преубави цртежи, кои најмалите ќе ги читаат и гледаат заедно со родителите. Во него има простор за боење и цртање, но и за почетно пишување – за развивање на графомоториката од најмала возраст – вели Црвенковска.
Букварот е најсеопфатен едукативен производ од „Светот на Биби“, на кој се работеше повеќе од една година. Во процесот на изработка се вклучени и стручни соработници, меѓу кои: одделенски наставници, универзитетски професори по одделенска настава, педагози… Шарените страници на букварот се исполнети со игри и вежби за развој на способностите за пишување, читање, разбирање и раскажување кај децата.

Вежби за повеќе возрасти

Букварот нуди вежби за повеќе возрасти, низ кои возрасните треба да ги водат децата. Билјана Црвенковска додава дека Букварот е исполнет и со приказни од „Светот на Биби“. Децата ги сакаат овие приказни, љубопитни се што следно ќе се случи со нив. Тоа ги мотивира да читаат повеќе.
– Тоа се приказни од „Светот на Биби“ и некои од нив излегуваат од рамките на она што стандардно се става во ваквите буквари – и по должината и по сложеноста на некои зборови. Сепак, бидејќи ова е буквар наменет, пред сѐ, за децата што веќе добро го познаваат „Светот на Биби“ (а нив ги има сѐ повеќе од ден на ден), децата што веќе преку книгите и цртаните од „Светот на Биби“ ги имаат научено планетите, деновите во неделата, месеците во годината и уште многу други работи – идејата е тој да им претставува предизвик да совладаат повеќе, да научат и да дознаат повеќе. А, секако, доколку нешто им се види како потешко – идејата е овој буквар да биде и книга за целото семејство – каде што детето со родителот или постарото братче или сестриче ќе го совлада материјалот – додава авторката.

Неизбежен дел од „Светот на Биби“ се илустрациите на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо. Тој ѝ го даде ликот на Биби кој децата го обожаваат. Благодарение на неговите цртежи децата полесно учат и одвај чекаат да видат што има на следната страница. Создавањето за деца е секогаш предизвик, тие се најискрената, но и најстрогата публика.
– Секој проект на кој работам е возбудлив, или барем јас така си мислам. Дали се работи за свет на фантазија исполнет со разни креатури и чудовишта или стрип за некој епски херој, игра, сториборд за реклама… секоја од овие работи има привлечност и е возбудлива на свој начин. Но, сепак, сметам дека детските проекти се највозбудливи. Децата се најдобрата публика, а наедно и наша иднина. Затоа и сметам дека треба да сме екстра концентрирани и работливи за да им го покажеме и доловиме најдоброто. А ако е добро изработено, децата секогаш ќе нè наградат со насмевка – вели Тхе Мичо.
Тој додава дека за еден проект да биде квалитетен, потребно е секој дел од тимот да функционира. Па така, според него, добрата илустрација мора да биде придружена со квалитетен текст и дизајн.
– Мене работата ми е најлесна затоа што сум опкружен со луѓе што си ја знаат нивната работа. Околу тоа колку за мене е важен цртежот, често знам да кажам, дека без разлика колку е добар цртежот, илустрацијата, па и напишаното, доколку само еден дел е добар, а другото се занемари производот нема да биде добар. Производот е онолку добар колку што е целиот тим. На пример, Биби иако беше нацртана и дизајнирана, како и „Светот на Биби“, сѐ додека не дојде Билјана во тимот да ја дооформи таа не беше комплетна – додава уметничкиот директор на „Светот на Биби“.
Задачата на главниот графички дизајнер во „Светот на Биби“ во креирањето на Букварот воопшто не е лесна. Таа е задолжена за тоа сѐ да биде совршено вклопено, а кога се работи за книга за описменување, тоа е дополнителен предизвик.

Правилно пишување буквите

– Сериозноста на овој проект носеше и голема одговорност, која нè предизвика сите да го дадеме најдоброто од себе. Дизајнот на литература за деца е константна борба помеѓу модерното и функционалното, па затоа сум особено горда што успеавме да постигнеме идеален баланс и да пласираме на пазарот производ што ќе можат да го користат овие, а и многу идни млади генерации. Особено внимание посветивме на правилниот изглед и пишувањето на буквите, за што можеме да му се заблагодариме на Ласко Џуровски за македонските фонтови што ги дизајнира – објаснува Катарина.
Таа истакнува и дека изборот на боите е од особена важност. Заднината мора да биде соодветна и да обезбеди доволно контраст за децата да можат да забележат сѐ. Во правењето ваков производ мора да се внимава на сѐ, искуството на децата мора да биде лесно и забавно. Во спротивно доколку буквите се премногу споени, мали или погрешно напишани, децата може да имаат проблеми при пишувањето.
Најпосле, Букварот мора да им се допадне на најстрогите критичари – децата.
Последните страници на Букварот се исполнети со пофални зборови од оние што имале можност да го оценат во процесот на изработка. Тие зборови не доаѓаат случајно, на секоја страница има нов интересен предизвик за читателите. Букварот почнува со писмо од Биби. Уште на првите страници има песнички за Биби и Боби и училиштето. На овој начин децата учат да рецитираат и да имаат правилен изговор. Потоа следуваат вежби за цртање, кои имаат цел да им ја развијат моториката и да им го олеснат пишувањето. Низ букварот гледаме и слики и стрипови што им помагаат на децата да ги совладаат раскажувањето и прераскажувањето.

Низ букварот децата ќе ги научат буквите според редоследот што е веќе предвиден во букварите што ги користат во училиште. Секако покрај печатните букви, децата ќе ги учат и ракописните букви и убавото пишување. Со „Букварот на Биби“ тие ќе научат да создаваат зборови, потоа реченици и најпосле подолги текстови. Преку омилените ликови, децата се намамуваат да научат уште повеќе, да прочитаат нешто ново и да се обидуваат повеќе. Тие ги учат и професиите, и членовите на семејството, животните и многу други нешта. Овој буквар претендира да му биде другарче на секое дете. Тој е книга со која децата ќе ги засакаат училиштето, книжевноста и македонскиот јазик.
Ќе го завршиме овој текст со зборовите на професорот Кирил Барбареев, кој истакнува дека Букварот е најважната книга во развојот на секое дете. Се надеваме дека „Букварот на Биби“ ќе ја одигра токму оваа важна улога кај децата во Македонија.