Нацртала: Марија Трајаноска (9),ООУ „Кире Гаврилоски -Јане“, Прилеп

Голем одѕив на креативниот повик на „Колибри“

Ликовни и литературни творби пристигнаа од цела Македонија, а заедничко им е тоа што ги направиле малите вредни раце, кои и овој пат докажаа дека многу знаат и многу можат

Драги деца,
Многу нѐ израдуваа вашите творби: песни, цртежи, состави, па и ракотворби, кои пристигнаа во голем број на нашата електронска адреса. Драго ни е што ја поттикнавме вашата креативност и што ви овозможивме во деновите кога наставата се одвиваше онлајн, а преостанатиот дел од денот претежно
бевте дома, да направите нешто убаво, да ги покажете своите таленти и вештини.
Творби пристигнаа од цела Македонија, а заедничко им е тоа што ги направиле
малите вредни раце, кои и овој пат докажаа дека многу знаат и многу можат.
И секако, голема благодарност до вашите наставнички, кои и во овие кризни
денови мислеа на вас и на вашето образование, давајќи сѐ од себе да го
совладате предвидениот материјал, па, ете, и да најдете време за креативност преку учеството на нашиот конкурс.

Нацртала: Анастасија Недељковска (15), ОУ „Кочо Рацин“ – Куманово

Еве го сега она што со нетрпение го очекувате, изборот на најдобрите литературни и ликовни творби. Задачата на комисијата, која ја сочинуваа Вера Андон, писателка, Марија Светиева, ликовна уметница, Филип Димкоски, поет, и Марија Таушанска, уредничка на „Колибри“, воопшто не беше лесна, бидејќи секоја пристигната творба имаше свој печат, инвентивност и желба да се сподели некоја порака со другите: за другарство, хуманоста, за љубовта кон книгата, кон цртањето… Секако, го опфативте и она што периодов нѐ засега сите, пандемијата на коронавирусот, на свој начин изразувајќи го своето видување на оваа чудна состојба, на која се надеваме дека наскоро ќе и дојде крајот.

Еве ги и имињата на најдобрите, поединци и училишта, кои од редакцијата на „Нова Македонија“ ќе добијат како награда дипломи, пофалници и книги.
Најдобра е комплетната творба, состав и цртеж, насловена „Љубовта е насекаде околу нас“, чиј автор е Марија Трајаноска (9), 4-1 одделение, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ од Прилеп.

Литературни творби:

1. „Мојот јазик тоа сум јас“, автор Jована Лазаревска (13), ООУ „Толи Зордумис“, Куманово.
2. „Во пламенот на булките“, автор Михаела Младеновска, 7-а одд, ООУ„Аврам Писевски“, с. Бардовци, Скопје.
3. „Балада за вирусот“, Денис Цветановски, 7-2 одд., ООУ „Јоаким Крчовски“, Крива Паланка.

Пофалени:
1. „Први септември 2021“, автор Марија Трајаноска (9), 4-1 одделение, ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Прилеп.
2. „Убавините на книгата“ – Теа Ристоска
3. „Овој свет“ – Матеј Стојанов

Ликовни творби:

1. Анастасија Недељковска (15), ООУ „Кочо Рацин“ – Куманово
2. Делфина Наумовска (12), ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга
3. Марта Трајаноска (7), 1-4 одделение, ООУ„Кире Гаврилоски-Јане“ – Прилеп

Пофалени: Павел Милановски (14), ООУ „Кочо Рацин“ – Куманово, Христијан Илиев, трето одд., ОУ „Никола Карев“ – Кочани, и Тамара Ванеска, која испрати најмногу ликовни дела.

Сите наградени и пофалени ученици треба да ни ги испратат точната адреса и името и презимето на електронската адреса: [email protected].
Во идните броеви на „Колибри“ ќе ги објавиме сите наградени и пофалени творби.

Секогаш на ваша страна,
вашето верно другарче „Колибри“


Љубовта е насекаде околу нас

Тина ја живееше првата недела од таканаречениот карантин.
Таа има само десет години и се соочува со големи предизвици, одземена слобода, одземено дружење со своите другарчиња.. Прекуноќ животот ѝ се смени целосно, се најде сама во својот дом, осамена со ново секојдневие, без згуснатиот распоред од активности. Таа беше единственото дете во семејството и овие денови многу размислуваше колку ќе ѝ беше поисполнет овој карантин ако имаше брат или сестра…
Тој понеделник, стоејќи и гледајќи празно низ прозорецот, се случи нешто необично. Белиот облак ѝ одмавна со раката… Тина ги протри очите и погледна подобро, сега му беа кренати двете раце и ја повикуваше надвор! Тина ги затвори очите и си помисли: Што ми се случува!? Карантинов ми прави халуцинации!? Ги отвори повторно очите и сега сонцето ѝ се смешкаше, ветрето гласно ја повикуваше… и птиците преку песна истото тоа го направија!

Тина ги облече своите адидаски, ја облече јакната и излезе во блиското паркче. Бидејќи беше рано наутро, во паркот немаше никој, само понекој ќе поминеше брзајќи до работното место или до маркетот… Но тоа не е важно..
Тина седна на клупата и погледна во небото, облаците, сонцето сите весело ја поздравуваа.. птиците, ветрето, единствената црвена ружа, елките и липите ѝ шепотеа… Тина никогаш претходно не забележала дека облаците имаат раце, можеш да видиш толку многу различни облици… виде и желка облак како бавно се движи по пространството за истата таа да се претвори во пајка како плови по огромно езеро, а потоа таа стана балон како лета кон уште поголема височина, па стана шешир… и така до бескрај… Тина чувствуваше силна топлина околу срцето. Почувствува стотици бакнежи на своето лице, сини, црвени, жолти, во форма на ноти и виолински клуч… Тина почувствува ЉУБОВ!

За време на ручекот, мајка ѝ и татко иѝ на Тина не можеа да не ја забележат новата Тина, која сега полна со љубов, даваше цело време љубов… ним, на баба и дедо, на чинијата со леќа, на лепчето, на малото кактусче што стоеше на полицата, на книгата по математика, на наставничката, на дотогаш лошата Ива… Помислија дека се заљубила…. и во право беа! – Тина откри многу љубов во себе тој ден!
Вечерта пред да си легне сакаше само да провери дали сѐ уште е тука магијата од денот. Кога го отвори прозорецот, почувствува милион златни бакнежи од месечината и ѕвездите, а облакот желка, ја сменил бојата и станал темен, сив, а потоа тој стана пајка, па балон…
Тој ден Тина стана сонувач…

Марија Трајаноска (9), ООУ „Кире Гаврилоски -Јане“, Прилеп