Светскиот ден без автомобили одбележан во градинката „Детска радост“ во Гевгелија

Светскиот ден без автомобили се одбележува на 22 септември и по тој повод најмалите дечиња при градинката „Детска радост“, објектот „Цветови“, учествуваа во разни активности по повод одбележувањето на овој ден. Цртаа, изработуваа велосипеди од различни материјали и ги учеа основните сообраќајни правила, како најсигурно да се движат во сообраќајот. Се разбира, сето тоа под будните очи на нивните воспитувачки Зорица Јованова, Елена Ивановска и Рената Лазарова
– Целта ни беше со насмевка и игра на нашите најмлади, да ги поттикнеме сите луѓе во нашиот град да ја чуваат средината во која живееме за сите ние да имаме здрава и чиста околина – велат воспитувачките.
А 22 септември, кој е и гласник на почетокот на есента, е важен затоа што има цел да ја крене свесноста кај луѓето за зелените еколошки транспортни решенија (јавен транспорт, пешачење, велосипедизам итн.), како и да поттикне иницијатива за ремоделирање на градовите во насока на поддршка на ваквите модели на транспорт и приближување на јавниот простор, пред сè улиците, поблиску до луѓето. Одбележувањето на овој ден треба да ги поттикне граѓаните да замислат еден поинаков град што ќе биде во функција на луѓето, а не на автомобилите. Љ.А.


Внимателно дете

Град, во градот улица,
улица, врвулица,
возила, брзаница,
врева и трчаница.

Возила забрзани,
дечиња затрчани,
премин ги дочекува,
среќа им посакува.

Семафор, семафор,
пријател е мој,
брзи коли чекаат
послушно во строј.

Кога свети зелено
патот ми е чист,
зелено е зелено
како в гора лист.

Најдобар другар

Со возила брзи
не се трка тој,
но најдобар другар
секогаш е мој.

Две тркала има,
може да е „пони“,
со него е Миле,
Гоце, Ване, Тони…

Радости ни носи,
ама и нѐ учи:
ако не внимаваме
лошо ќе се случи.

(Од книгата „Сончев дворец“ на писателот Перо Миленкоски)