ООУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци дел од програмата „Еразмус +“

Учениците секојдневно поминуваат многу часови на компјутер во своите домови или на телефон, но тоа најчесто е за играње игри и комуникација на разни платформи за комуникација, како Фејсбук и Твитер, наместо да го користат интернетот за образовни потреби. Притоа не водат сметка какви податоци оставаат за себе и како може тоа да влијае во нарушувањето на нивната приватност со злоупотреба на личните податоци.
Свесни за значењето на дигиталните компетенции и употребата на дигиталните технологии насекаде, а за да се направи образовниот процес поинтересен за денешните генерации, ОУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци учествуваше во проектот „Напредок на општеството со користење дигитални алатки“ како дел од програмата „Еразмус +“, кој беше координиран од партнерското училиште од Сицилија, Италија. На овие две училишта партнери им беа и основни училишта од Романија, Хрватска и од Литванија.
Во рамките на заедничките активности, учесниците во проектот заедно со нивните наставници имаа можност да престојуваат во хрватскиот град Сплит, каде што се запознаа со неколку интересни ИКТ-алатки што се користат во образовниот процес, како што се: Кахот, Прези и Глогстер (Kahoot, Prezi I Glogster). Со употребата на овие алатки, на учениците им беше овозможено да ги развијат нивните компјутерски вештини, соработувајќи со нивните врсници од други земји, користејќи го англискиот како говорен јазик. Престојот во Хрватска беше искористен за посета на градовите Дубровник и Сињ, каде што преку учество во многубројните игри, учениците имаа можност да стекнат нови пријателства меѓу своите врсници и истовремено да го развиваат натпреварувачкиот дух.

Втората мобилност во рамките на проектот се одвиваше во Македонија, а беше избрана темата „Безбедна употреба на интернетот и социјалните платформи“. За време на работилницата, со помош на компјутерските експерти, учениците имаа можност да се запознаат со сите форми на сајбер-насилство и како да се препознае и спречи тоа. Престојот во Македонија беше искористен гостите да ги посетат градовите Охрид и Скопје и да се запознаат со дел од нашето културно наследство.
Третата мобилност се одржа во Нида, Литванија, каде што на учениците им беа презентирани неограничените можности што ги нуди интернетот и како полесно да најдат работа со користење разни онлајн платформи.

– Четвртата средба ја имавме во прекрасната Сицилија, каде што учесниците беа запознаени со Гугл класрум и кју-ар кодови и употреба на 3Д-апликации. За учесниците беа организирани посета на Палермо и свечена завршна вечера, каде што можевме да уживаме во специјалитетите на италијанската кујна. За жал, поради коронавирусот, последната средба, која требаше да се одржи во Романија, ја реализиравме онлајн. Учениците разговараа за пандемијата и за последиците од неа, а потоа со употреба на разни ИКТ-алатки остварија виртуелна посета на Романија. На крајот, сите партнери во проектот се согласија дека се стекнавме со прекрасно искуство и наставниците, но и учениците, кои не само што ги зголемија своите ИКТ-компетенции и се запознаа со културите и образовните системи на земјите партнери туку истовремено го зајакнаа и чувството на припаѓање на локалната, националната и европската заедница – вели наставничката по англиски јазик Милка Мркев, координаторка на проектот од ОУ „Гоце Делчев“ во Kавадарци.