Заврши тридневниот фестивалски маратон „Златно славејче 2019“

Годинава освежување беше настапот на илузионистот Кристијан Шопов, кој ги воодушеви децата, а вистинско изненадување беше моментот кога на Кристијан Ивановски, момченцето што ја пееше песната „Фудбалер“, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски му подари дрес

Тринаесет нови детски песнички одекнуваа три дена во салата на Македонската филхармонија во Скопје, каде што од 22 до 24 ноември се одржа 49-то издание на најстариот фестивал на детска песна кај нас „Златно славејче 2019“.
И како и во претходните изданија, се пееше за теми по мера на децата: за безгрижното детство, среќата, здравата храна, љубовта кон спортот, кон животните, музиката, но и за првите симпатии и задевања. Дечињата од хорот „Златно славејче“, 90 на број, кои работат под раководство на диригентката Катерина Баталакова, со својот глас ги украсија сите песни, а со кореографијата, за која беше задолжена Виолета Бајрам, направија вистински празник за очи. За тоа придонесоа и посебните анимирани приказни за секоја песничка, кои се емитуваа на ЛЕД-екраните. Првата беше насловена „Златно славејче“, а ја отпеа симпатичната Марија Малинковска, а со последната – „Роденден“, симболично беше одбележан 49от роденден на фестивалот.

Во неделата, на последната фестивалска изведба, која почна во 19 часот, а ја снимаа камерите на телевизиите 24 вести и Канал 5, присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски, со сопругата Елизабета, како покровител на оваа реномирана манифестација.

Водител исто како лани беше шармантниот и секогаш расположен Марко Новески, кој и пред десетина години се нашол во истата улога.

Интересен беше и настапот на магионичарот Кристијан Шопов, кој децата во публиката го проследија со големо внимание, а вистинско изненадување беше моментот кога на Кристијан Ивановски, момченцето што ја пееше песната „Фудбалер“, селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски му подари дрес. Запаметен од овој фестивал ќе биде и мигот кога хорот ја пееше песната „Навиваме за Вардар“, чиј автор е Ристо Самарџиев, што исто така предизвика бурни реакции во публиката. Со бурно ракоплескање беа наградени и гостите од: Романија, Албанија, Србија и од Хрватска, а на крајот вообичаено сите учесници, заедно со публиката, ја испеаја песничката „За сите деца“.

И ова фестивалско издание го организираше Советот за грижи и воспитување на деца на градот Скопје, а директорот Бобан Јосифовски, по завршувањето на фестивалскиот маратон, кој го проследија околу 8.000 деца, сега може малку да здивне.

– Кога ќе заврши нешто убаво, кога ќе има толкав голем број посетители, се разбира тоа се пред сѐ децата, тоа нѐ прави презадоволни и, еве, можам да кажам дека реализиравме уште едно успешно издание на „Златно славејче“. Тоа е добра појдовна точка за следното, јубилејно издание, в година, кога ќе прославиме златен јубилеј, 50 години постоење на најстариот фестивал на детска песна кај нас. Треба да сме горди на она што го направивме и со ова издание, бидејќи го задржавме високото реноме на фестивалот. А за неговата успешност и долготрајност секако придонесува и љубовта кон фестивалот на сите учесници, децата, нивните родители, сите што се дел од организацијата, со чија помош оваа традиција живее. Затоа упатувам благодарност до големиот број поддржувачи на „Златно славејче“ – вели Бобан Јосифовски, првиот човек на фестивалот.

Посетителите, освен подароци што ги добија од спонзорите, можеа да го купат и цедето со годинашните песнички, кои се надеваме брзо ќе го најдат патот до детските срца. А славејчињата заедно со целиот тим што го подготвува фестивалот, наскоро ќе почнат да го подготвуваат следното, роденденско издание, бидејќи в година „Златно славејче“ ќе го прослави 50-от роденден.