Секој треба да се прифати онаков каков што е, а не да постои секундарна дискриминација поради изгледот или поради некои други причини, вели Марија Николаеска

Четиринаесетгодишната ученичка од ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево, Марија Николаеска, е најмладата добитничка на првата годишна стрип-награда „Лифт“, чие доделување се одржа неодамна во Младинскиот културен центар во Скопје. Целта на наградата е да ги промовира и да ги афирмира домашните стрип-автори, но и да го унапредува стрипот како запоставен медиум кај нас. На конкурсот учествуваа 30 сценаристи и цртачи со вкупно 27 стрипа, од кои е направен потесен избор од девет стрипа, кои се изложени во Галеријата на МКЦ. Зад оваа идеја, стојат книгоиздателството „Темплум“ и невладината организација од областа на комуникациите ОХО.

Инаку Марија Николаеска од мали нозе се занимава со цртање и со креирање разни форми.

– За цртањето се заинтересирав од најмала возраст, само дајте ми хартија и боици и цртежот за миг ќе биде готов. Цртањето многу посериозно го сфатив откако отворив јутјуб-канал со име „Светлосен пиксел“. Отпрво ќе нацртав една до две слики, кои ќе ги мрдав лево-десно. Инаку тој стил се вика анимирана лизгачка рамка. Не е вистинска анимација, но за почеток е сосема добро. Потоа почнав да добивам обожаватели и со тоа сакав да се подобрам и да го искористам талентот за цртање и анимација и тоа ми се случи. Причината зошто мојот стил на цртање изгледа детски е затоа што сум картунист и аниматор, непрофесионален, но сакам да станам професионалка со свое студио и со свој цртан филм – вели талентираната Марија.
Таа има сосема поинаков поглед за луѓето и за нивната различност.

Марија од мали нозе се занимава со цртање и со креирање разни форми

– Никогаш не сум верувала дека луѓето треба да се однесуваат на некој специфичен начин затоа што сме различни. Токму затоа го изградив овој стил за да покажам дека сите сме прекрасни, а изгледот и формата не се важни. Секој треба да се прифати онаков каков што е, а не да постои секундарна дискриминација поради изгледот или некои други причини – вели таа.

Инаку Николаеска на повеќе конкурси и натпревари има освојувано први награди, како прво место на Државен натпревар во категоријата анимација, прво место за непрофесионален филм на 47-от Државен фестивал и многу други.