Детскиот културен центар „Карпош“ – Скопје годинава, по 43-ти пат, ја организира и реализира традиционалната детска манифестација „Снежен град и карван – 2020“, која почна во неделата, а ќе трае до 21 февруари, на Попова Шапка. Градителите се сместени во хотелот „Славија- ЕЛЕМ“, кој е и коорганизатор на манифестацијата.
Учесници градители на снежниот град се ученици од повеќе основни училишта од Скопје. Сите тие се екипирани по петнаесет деца со свој ментор и со потребните алатки, градат скулптура каде што ги прикажуваат својата креативност и талент.

Децата што учествуваат на „Снежен град“, користејќи ја својата фантазија, се вистински уметници, кои си играат со снегот и го претвораат во објект што си го замислиле. Веруваме дека, како и секоја година, ќе направат впечатливи уметнички скулптури.

Во рамките на манифестацијата се одржуваат и други активности од забавно-рекреативен карактер: избор на снежна убавица, спортски игри и натпревари во пинг-понг, билјард, шах, училишна квизотека, пикадо, снежен крос, најслатка бонбона, снежно бинго, бал под маски и, се разбира, забава, танцување во дискотека за учесниците на „Снежен град“.
На 21 февруари, сабота, во 11часот децата градителите заедно со директорката на ДКЦ „Карпош“, д-р Билјана Лалчевска-Серафимовска, свечено ќе го отворат „Снежниот град“, за сите посетители што ја сакаат оваа уметност, кои ќе имаат можност да ги разгледаат ремек-делата на малите креативци направени од снег.