Ви ги претставуваме сестричките Ана (8) и Сара (5) Московски, Македонки по мајка и татко, но родени во Пјаченца, Италија, каде што живеат со своите родители Златко и Катерина, кои пред десетина години дојдоа во оваа земја во потрага по подобар живот.

Како и сите деца и тие уживаат во своите безгрижни детски денови, имаат разни активности, слават родендени, но, како што велат, иако сега е зима, сѐ уште се сеќаваат на одморот во Македонија, кај баба и дедо, во Радовиш и во Валандово, кои со душа чекаат повторно да ги видат.

Ана и Сара ни открија и дека Дедо Мраз им ветил дека годинава ќе добијат братче, па уште отсега се радуваат и смислуваат имиња за петтиот, најмлад член на семејството.
– Мојата постара ќерка Ана е ученичка во трето одделение во училиштето „Де Амичис“ во Пјаченца, а петгодишната Сара оди во градинката „Алдо Моро“ и наредната година ќе стане прваче. И двете добро ги зборуваат и македонскиот и италијанскиот јазик, а тука се дружат со различни националности: Бразилци, Мароканци, Индијци, со деца од просторите на некогашна Југославија. Ана веќе трета година се занимава со ритмичка гимнастика, а по нејзините стапки сака да тргне и помалата Сара. Затоа не е случајно што Ана, кога ќе порасне, сака да биде учителка или тренерка по гимнастика, а Сара сака да стане заболекарка – ни рече гордата мама Катерина.

Таа ни откри и дека секогаш кога некој македонски спортски клуб има натпревар, во нивниот дом се веат македонски знамиња и гласно се навива, па така беше и деновиве, кога тато Залтко и неговите три девојки гласно ги бодреа македонските ракометари на Светското првенство во Германија.

Можеби поради убавите зборови што ги слушаат за Македонија од мама и од тато, Ана и Сара велат дека иако се родени во Италија, тие се Македонки, а во иднина можеби ќе станат и Италијанки.

Девојчињата со нетрпение го очекуваат секој летен распуст за да дојдат во Македонија. Воодушевени се од слободата што ја имаат, можноста да одат сами во продавница, да си играат со другарчињата слободно на улица. Иако сакаат многу италијанската храна, на Ана и на Сара многу им се допаѓаат и македонските специјалитети.

– При последната посета на Македонија видовме прекрасни места и градови: преспанскиот крај, Охрид, Прилеп, Струмица, Штип, Демир Капија, Гевгелија, Дојран, Злетово и Лесновскиот манастир… Сакавме ќеркичките да се уверат дека сето она што им го раскажуваме за Македонија е точно и повеќе од тоа. А налето, здравје, заедно со новиот член на семејството, повторно сите заедно ќе уживаме, под топлото македонско сонце, заедно со најблиските – ни вети мама Катерина.