Откако беше најавено дека телевизиската серија за деца „Зоки Поки“ ќе се емитува на националните телевизии СВТ во Шведска и НРК во Норвешка, пристигнува веста и за емитувањето на националните телевизии ДР во Данска и ИЛЕ во Финска.
Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на „Зоки Поки“. За македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење. „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји.
Заслугата за меѓународното емитување е на дистрибутерот „Видеоплугер“ од Лондон, кој силно верува во светскиот потенцијал на серијата, нејзината моќ да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително намалени.
– Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. „Зоки Поки“ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници – вели Емануеле Галони, извршен директор на „Видеоплугер“.
И покрај големиот интернационален успех на серијата, снимањето на втората сезона на „Зоки Поки“ сѐ уште е неизвесно.