Денеска ви претставуваме дел од творештвото на авторката Снежана Паноска, поточно песни од нејзината прва поетска збирка за деца „Брзозборливо“, која беше промовирана лани во октомври. Ова првенче на Паноска за најмладите читатели содржи 72 песни.

Дека станува збор за песни што лесно допираат до најмладите читатели посведочија реакциите на учениците од основното училиште „Гоце Делчев“, кои ја збогатија промоцијата. Се надеваме дека ова нема да биде нејзино последно дело за деца.
Оваа струмичанка, која живее и работи во Прилеп, одамна пишува, учествува на поетски фестивали кај нас и во странство, добива награди и признанија, а нејзини песни се објавени во повеќе зборници на поезија во регионот.
Досега ги објавила стихозбирките за возрасни: „Песни од мојата душа“, „Илјада ѕвезди“, „Слики од животот“ и „Животен копнеж“.

Паноска е член на Клубот на литературни творци во Прилеп. Наградувана е на октомвриските книжевни средби во Битола, а лани ја доби и наградата „3 Ноември“, највисоко признание на градот Прилеп, за достигнувања во областа на литературата и пишаниот збор. Исто така добитничка е и на првата награда на Здружението на просветни работници и литературни творци на Македонија.
Оваа неуморна авторка е добар познавач и на странските јазици. Активно ги користи српскиот, англискиот и шпанскиот јазик, а учествува и на литературни конкурси надвор од нашата земја.

Таа е честа гостинка низ градовите во земјава, каде што го претставува своето творештво, а последната средба со читателите ѝ беше во Кичево, каде што ги претстави своите три поетски книги: „Животен копнеж“, „Слики од животот“ и „Илјада ѕвезди“, во библиотеката на центарот за култура „Кочо Рацин“.
Според литературните критичари, Паноска пишува тивко и ненаметливо, како што чекори низ катадневието.

Живко Карески за нејзините песни вели дека се сеќавање на едно минато време, потсетување на саканите личности.
– Паноска го отвора срцето и, како тивок, планински поток и низ стихови, ги пушта да течат чувствата, спомените, желбите и копнежите. Секоја песна личи на парче живот, мој или нечиј – вели Карески.

За Блага Тутеска, нејзините песни се импресивна рефлексија на нежност и чувствителна душа.
Еве неколку песнички за деца од бележникот на Снежана Паноска. Ф.Д.


Календар

Јануари коњи брка
со снегулки прави трка.
Февруари студи, студи
и кокиче бело буди.
Баба Марта песна пее
де се лути, де се смее,
Април нуди шеги разни
расцветани безброј сказни.
Мај е, деца, полн со бои
мирисливи цветни венци.
Крајот школски вчас ни дојде
и јуни весел ни пројде.
Во јули крај бранови
детски срца насобрани.
Во август тежат ниви стројни
амбарите тој ги полни.
Септември ни чукна час
ѕвонче силно шири глас.
Во октомври со дождови
летни бајки сонуваме.
Ноември на вратата
зимата ни ја најавува,
декември снегој ни носи,
но и радости, елки полни,
а ноќите, долги, долги,
врви детство, иде младост.
низ месеци дванаесет.


Паѓајте снегулки

Паѓајте снегулки
лесни и бели,
летајте радосно
весели и смели,
покријте ливади
шуми и брег,
колку е весело
деца мили на снег.

Покријте елка
смрека и бор,
покријте ги нивите
и нашиот двор.

Брзајте деца
сите на брег
брзајте деца
сите на снег.