Петар Настески, гимназијалец од Кичево, е младо момче со многу таленти: волонтер е во Црвениот крст, актер во аматерскиот театар со реализирани повеќе успешни улоги и фотограф аматер. Негова фотографија, деновиве, беше прогласена за најуспешна во проектот „Спречување на насилен екстремизам“, поддржан од амбасадите на Кралството Холандија и Велика Британија.

– Долги години мој постојан придружник е фотоапаратот и ова хоби ми носи големи задоволства. Сум фотографирал природни феномени, хуманитарни манифестации, спортски натпревари, човечки судбини… Токму една од тие мои спортски фотографии беше прогласена за најдобра на натпревар во рамките на проектот што беше организиран во три града, со работен наслов „Спречување на насилен екстремизам“. Оваа фотографија ја изработив на хуманитарниот фудбалски натпревар што се одигра помеѓу учениците од двете гимназии од нашиот град. Лајтмотивот на победничката фотографија беше подадената рака и разбирањето помеѓу фудбалските противници на теренот, кои се и големи пријатели надвор од него – вели Петар.
Тој речиси никогаш не се дели од фотоапаратот, бидејќи како што нагласи, секогаш мораш да бидеш подготвен за некој интересен момент што заслужува да биде овековечен.

Но Петар веќе неколку години е успешен и како актер. Носител е на некоја од главните улоги во повеќе драмски претстави одржани во Центарот за култура во Кичево.

– Паралелно со фотографирањето ме преокупира и актерството и затоа последните пет-шест години сум дел од аматерскиот театар при Центарот за култура. Имав главни ролји во драмските претстави „Токму на полноќ“, „Свечена вечера во погребалното одделение“, „Леле бабата“ и други. Можеби љубовта кон актерството треба да биде и мотив повеќе да се запишам и на Факултетот за драмски уметности и едната од своите хоби-активности да ја претворам во животен позив – ни откри тој.

Петар, исто така е еден од најактивните волонтери на Црвениот крст од Кичево и неизоставен дел на многу хуманитарни манифестации што се одржуваат во градот и пошироко.