Под мотото „Свет без предрасуди“ во ОУ „Рампо Левката“ во Прилеп деновиве беа реализирани повеќе активности по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Учениците од одделенска настава учествуваа на ликовна работилница, на која изработија прекрасни цртежи, а беше отворена ликовна изложба од ученичката Фиона Зајкоска. Се одржа и литературен конкурс на ниво на целото училиште, додека, пак, учениците од ученичкиот парламент изработија брошури, кои им ги поделија на минувачите во центарот на градот за да се издигне јавната свест за прифаќање на лицата со попреченост.

Главниот акцент на одбележувањето беше пригодната културно-уметничка програма во која учествуваа и ученици од општинските училишта „Кочо Рацин“, „Кире Гаврилоски-Јане“ и „Гоце Делчев“.