„Самовилата од Виленија“ е нова книга за деца на издавачката куќа „Едука мак“, од младата авторка Марија Ралповска. Ова е своевиден мини-роман, бајка што на сликовит начин го води читателот на едно мистично патување, кое го најавуваат езерските бранови и мистериозниот глас од школката.
Дојдете во волшебниот свет на самовилите и вилениците, свет во кој Харли открива дека е многу повеќе од едно обично девојче во мигот кога на нејзиниот грб ќе се развиорат сребреникави крилја.
Дојдете на новото патување во светот на бајките, заедно со Харли – девојчето што сонува за авантури и верува во чуда, а чудата се возможни само кога веруваме во сонот, во магијата, во волшепството…
Раширете ги крилјата и вивнете се во авантурите на Виленија!
Виленија, митската земја на необични суштества, животни што зборуваат, дрвја што блескаат во боите на виножитото. Но Виленија е во опасност. Злото се доближува и сака да ја обвие со својата темнина… Пророштвото вели дека Харли е одбраното девојче што може да ја спаси Виленија од канџите на злото. Ќе успее ли?!
Илустрациите се на Ангела Конеска, а компјутерскиот дизајн го направи Михајло Маказлиев. Книгата беше претставена и на тукушто завршениот Саем на книгата во Скопје.