За успесите на балетското студио „Венус“ најмногу зборуваат големиот број освоени пехари и дипломи, најмалку 150, на меѓународните танцови натпревари во нашата држава и во регионот. Во богатата биографија се забележани повеќе реализирани авторски мјузикли и учество во театарски претстави, најголемиот број за деца, како и учество на значајни културни и јавни манифестации во Кавадарци

Балетското студио „Венус“ одбележува 30 години постоење

Младите танчари од балетското студио „Венус“ од Кавадарци почнаа со одбележувањето на својот голем јубилеј, 30 години постоење, што ќе трае цела година. Прославата почна минатиот вторник, точно во 12.10 часот, кога на градскиот плоштад го изведоа својот триминутен танц на композицијата „Love never felt so good“ и им приредија едно прекрасно несекојдневно доживување на сите што го проследија овој настан. Во овој флеш моб учествуваа 160 танчари, членови на балетското студио „Венус“, кои со голема радост најавија уште многу јавни настапи во наредниот период.
За успесите на балетското студио „Венус“ најмногу зборуваат големиот број освоени пехари и дипломи, најмалку 150, на меѓународните танцови натпревари во нашата држава и во регионот. Во богатата биографија се забележани повеќе реализирани авторски мјузикли и учество во театарски претстави, најголемиот број за деца, како и учество на значајни културни и јавни манифестации во Кавадарци.
Меѓутоа за Билјана Грозданова, која раководи со балетското студио, најзначаен успех на кој е многу горда е нивното членство во Танцовата асоцијација на УНЕСКО каде што се единствени претставници од Македонија.

– Постоењето во текот на цели три децении на едно балетско студио, кое во својот град обучило и внело во уметноста на танцот илјадници ученици, навистина значи многу. Ја менува културната структура на градот, создава публика и го афирмира Кавадарци на државно и на меѓународно ниво. Балетското студио „Венус“ и јас како кореограф, започнавме да работиме во 1992 година и овој танцов перформанс е само најава на одбележувањето на 30-годишно постоење за следната година. Покрај многубројните награди, кои неоспорно сите ми се мили, најголемата награда за мене е тоа што придонесуваме децата да бидат креативни, успешни и среќни. А тоа е можно, бидејќи се работи тимски и секогаш се бара начин да се биде квалитетен – вели Билјана Грозданова, раководителка, кореографка, а наедно и учителка во балетското студио.
Од 2016 година како втор кореограф се приклучува и нејзината ќерка Ана Балова, која донесе свежина со новиот креативен пристап.
– Јас работам со групите деца од три до 12 години, додека Ана ги води другите. Секое дете бара посебен пристап и внимание, меѓутоа сметам дека клучно за успехот и да се истрае овие три децении е големата љубов кон танцот и желбата тоа да им се пренесе на учениците. Доколку вистински се трудиш и се вложуваш во работата, децата знаат да го препознаат тоа и се идентификуваат со тебе. Можам со задоволство да се пофалам дека имаме членови што се деца на наши поранешни ученици, што значи љубовта кон танцувањето ја пренесуваме и на втората генерација од мајка на ќерка – додава Грозданова.

И во услови на пандемија, балетското студио „Венус“ продолжи да работи активно и да ги приспособува своите активности. Многубројната публика беше одлика на нивните редовни концерти, па затоа тие се определија да одржат еден концерт на отворено на градскиот плоштад.
– За мене танцот значи здравје и среќа, па така во овој период на изменети услови, наша главна цел е да ја ублажиме новата состојба за да ги дополниме празнините што се појавија во секојдневието со организирање снимање на спотови во природа, повеќе концерти од вообичаеното и учество на натпревари. Сакавме да им олесниме на нашите млади танцувачи и мислам дека успеавме во тоа – ни рече Билјана Грозданова.