За својот прв самостоен концерт Ристе избра програма со композиции од Бах,
Бетовен, Шопен, Брамс и од македонскиот композитор Томислав Зографски

Талентираниот млад пијанист Ристе Спанџов континуирано постигнува успеси на републички и на меѓународни натпревари. За него, уште кога беше ученик во основното музичко-балетско училиште „Лазо Мицев-Рале“ во Кавадарци, пишувавме и на страниците на „Колибри“. Повод беше успехот на меѓународниот натпревар во Ниш, од каде што Ристе се врати со прва награда, по што се нижеа серија први награди во Скопје на државниот натпревар, во Гевгелија, во Шабац – Србија и во Бугарија, на меѓународниот натпревар „Вивапиано“. Еден од неговите поголеми успеси на меѓународен натпревар е освоена втора награда во Италија, на натпреварот „Сита ди Сан Дона ди Пиаве“.

Ристе Спанџов деновиве го одржа својот прв солистички концерт и ја воодушеви публиката во своето родно Кавадарци. И со право ги потврди предвидувањата дека ќе израсне во исклучително надарен пијанисти, како што предвидуваа многу познати музички педагози што го забележаа неговиот талент на меѓународните натпревари. За својот прв самостоен концерт Ристе избра програма со композиции од Бах, Бетовен, Шопен, Брамс и од македонскиот композитор Томислав Зографски.
Ристе почна да свири на пијано уште на шест години. Првите и големи успеси ги постигна заедно со неговата професорка Весна Павлова во основното музичко училиште. Неодамна заврши трета година во Државното музичко и балетско училиште во Скопје, во класата на професорката Нина Костова Јаневска.

– Професорката Јаневска е многу добар педагог, строга, но сметам дека од неа може да се научат многу корисни работи. Исто така редовно посетувам часови и кај Људмила Романова и можам и за неа да кажам дека е многу добар музички педагог и вистинска чест и задоволство ми е што сум и нејзин ученик. Се трудам моето музичко образование да го збогатувам и така постепено да ја градам мојата музичка кариера. Мојот прв солистички настап го имав во Скопје, на 21 мај, и веднаш одлучив да направам уште еден концерт во мојот роден град пред публиката, која ме бодри од самиот почеток – ни рече Ристе Спанџов.