Илустрација: Елена Максимовска

Дариа постојано сонуваше да биде принцеза или кралица. Па на кого било или на што било. Важно и најважно да е главна – најглавна.
Еден ден смисли дека може да биде кралица на сите жители на водите. Таа идеја ѝ дојде кога еден ден, на час по природа, наставничката им зборуваше за подводниот свет и кој сѐ живее во него!
Веднаш се замисли во златна облека со перки и со најубава круна. Таа беше кралица на сите.
Посака да види кој живее таму во длабочините. Ја отвори енциклопедијата за водите и почна да разгледува.
Оп, делфин – па делфинот може да се вика Оги си помисли – и да ми ги носи топчињата што ќе ги фрлам, како некое кученце. И така велат дека делфинот му е пријател на човекот.

Е! Еве риба! Пастрмка, рибата со највкусното месо, а од нејзините икри се прават најубавите бисери! Лелееее! Еве рак… мало ракче… бебе! Ракот имал три очи! – Првпат гледам. А морам сѐ да научам за моите поданици! И три пара краци! Внимавајте да не ве штипне. Лелеее! Ама се плашам! Ајкула! Лапка сѐ што ќе дојде пред неа. Ужива да лови, а многу е голема и опасна. Ама како што пишува во книгата, ајкулата има одличен организам… Е што може да е одлично кај неа? На ајкула не сакам да сум ѝ кралица!
Внимавајтеее! Иде октоподот! На осум страни осум краци и се влече, плива и душка! И тој не ми се допаѓа, не сакам да сум кралица на октопод.
Леле, ама е убава! Морска ѕвезда. Колку убаво свети. И никому не му прави зло. Си живее покрај гребени и на карпи. Баш е убава!

Еве и морска желка. Голема, сјајна, ама… ама тука пишува дека многу брзо плива со предните нозе. Е, тоа не сум го знаела.
Што е ова? Кит! Најголемото животно што не е риба туку цицач, а живее во вода. Па јас не сакам да сум му кралица на китот!
Дариа се разочара. Го соблече златниот фустан со перки и реши: „Никогаш, ама никогаш да не сака да биде кралица на жителите на водите“.