На 6 септември во паркот пред КИЦ во Скопје

 

Новата книга на писателката Билјана С. Црвенковска, „Невидливата куќа“, за која илустрациите ги направи Ване Костуранов, ќе биде промовирана на 6 септември, во 18 часот, во паркот пред КИЦ.
Водителка на настанот ќе биде Сребра Ѓорѓијевска, која ќе ја има и улогата на промоторка, заедно со Лени Фрчкоска.
„Невидливата куќа“ е приказна за тоа како имагинацијата помага во справувањето со тагата и загубата и е меѓу ретките современи книги за деца и млади во Македонија што се занимаваат со приказните на бегалците од источните земји.
Малечката Кала е принудена набрзина да го напушти својот дом. Таа заминува со родителите на долго, исцрпувачко и застрашувачко патување без крај. Кала не разбира што се случува, освен што ги наслушнува неубавите зборови што ги шепотат возрасните. Но она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба, дедо и омилената играчка – зајачето.

Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, преведувачка, сонувачка (или мечтателка, како милувате), вљубеничка во природата, планините, животните и облаците, и – вечно дете. Освен што постојано сонува со отворени очи, Билјана не престанува да пишува, има напишано многу книги и сценарија за серии за деца, но и за возрасни.

Нејзината адаптација на бајки од народното творештво „Бајки од Македонија“ беше вклучена во значајната селекцијата „Бели гаврани“ на 200 најдобри книги од целиот свет за 2020 година. Живее на релацијата Скопје – Охрид – земјата на соништата, а најдобар другар ѝ е мачорот Макс.

Ване Костуранов е човек што поголемиот дел од животот го поминува измислувајќи нешто. Понекогаш тоа се нови слики, а понекогаш измислува и црта сликовници за деца. Толку е заигран во овој свет, што веќе нацрта три авторски сликовници („Ѕвездено дете“ 2018, „Девојче и мече“ 2019 и „Девојчето и градот“ 2020). Преостанатото време црта на хартија, понекогаш на платно, а повремено прави илустрации за други писатели (кои, исто така, се познати измислувачи). За неговите измислени работи понекогаш добива и награди.

Ване живее и работи во Струмица, еден сосема обичен и реален град.
Настанот ќе се одржи според сите протоколи и актуелни мерки за заштита од ковид-19, според кои ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан ковид-19 во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето. Мерките важат за сите лица над 18-годишна возраст.