Уште една литературна манифестација за деца со нов термин

Уште една литературна манифестација за деца поради актуелната пандемија на коронавирусот се одржа подоцна од вообичаеното и онлајн. На 12 и 13 декември им беа доделени наградите на најдобрите на литературните средби „Пролет на сребрените соништа – Радовиш 2020“, што се одржаа со поддршка на здружението на граѓани „Невена за тебе, за мене, за нас“, во соработка со Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија. Како партнери на манифестацијата и оваа година се вклучија „Просветно дело“ од Скопје и Општина Радовиш, која финансиски ја поддржа манифестација.
Онлајн изданието се реализираше во текот на два дена. Првиот ден, 11 декември, беше резервиран за онлајн промоции за книги за деца и млади. Преку видеопораки и записи публиката имаше можност да се запознае со најновите дела на писателите за деца: Ванчо Полазаревски, Ксенија Трајчева Маказлиева, Сузана Мицева, Виолета Ѓуровска, а како специјални гости беа поетите Вера Андон и Филип Димкоски.

Вториот ден, 12-ти месецов, беше за доделување дипломи за најдобрите творби, кои беа избрани по претходно распишаниот конкурс, кој беше меѓународен. Пристигнаа повеќе од 300 песни од земјава и од регионот. Жири-комисијата во состав: Ана Винарница Рингачева – универзитетска професорка, Вера Андон – писателка за деца и Гордана Здравкоска – наставничка по македонски јазик, одлучија да бидат наградени триесетина песни во три категории: наградени од четврто и петто, од шесто до деветто одделение и наградени во категоријата средно образование. Иако годинашното издание на манифестацијата се одвиваше целосно онлајн, писателите и наградените ученици со своите видеопораки допреа до сите почитувачи на убавиот пишан збор и им ги стоплија срцата на многумина.