Кога на завршните изложби ги гледаме насмеаните лица на децата, нема поголема радост за нас, велат Тони и Дијана

Љубопитноста и истражувачкиот карактер доаѓаат до израз кај децата кога не им се поставуваат граници, зашто детската љубопитност е неограничена.
Слободното изразување на децата во различни ликовни медиуми е неопходно за правилен развој на личноста, комуникациските вештини, критичкото мислење и креативноста, вели академскиот сликар и ликовен педагог Тони Шулајковски

Ликовното студио „Арс вивенди“ од Скопје одбележува 15 години постоење

 

На 15 септември во 2005 година почна со работа ликовното студио „Арс вивенди“ од Скопје, основано од академскиот сликар и ликовен педагог, м-р Тони Шулајковски, а проект-менаџерка е неговата сопруга Дијана Петкова. За овие 15 години постоење се одржани исто толку завршни изложби во галерија, годинава надополнети и со онлајн претставување на сработеното, во духот на времето во кое живееме.
Во изминативе години часовите по цртање и сликање ги посетувале околу четиристотини членови, кои продолжуваат да го одржуваат разгорено пламенчето за препознавање на убавото да не згасне, а во даден момент и да го распламтат по своја волја.

АЊА ПАВЛОВСКИ 8г

Која беше вашата идејата водилка кога пред 15 години се одлучивте да го оформите ова студио за млади таленти за ликовна уметност?
Дијана: Ликовното студио „Арс вивенди“ е студио во кое се слави радоста на животот. Самата синтагма арс вивенди во слободен превод значи уметност или умешност на живеењето, па не е ли вистинска уметност постојано да се потсетуваме, а притоа да ги потсетуваме и децата, дека на овој свет сме дојдени да ја прославуваме радоста што ни ја дарува животот и, воопшто, битисувањето. Овие петнаесет години ги минавме во славење на најубавиот подарок што некој може да си го замисли – животот. Некој за нас го смислил – животот. Кога на завршните изложби ги гледаме насмеаните лица на децата, нивните родители, браќа, сестри, баби и дедовци, нема поголема радост за нас, зашто умножената радост е суштината на овој наш проект.

АНДРЕА ЈОВАНОВСКА 8г.

Како се приспособивте на новонастанатата ситуација што ја услови пандемијата на коронавирусот?
Дијана: Честопати непријатната ситуација во која ќе се најде човек може да биде полезна за него, па, така, и новонастанатата ситуација нè натера да го запреме долгогодишното одлагање да формираме група за онлајн часови и да почнеме со онлајн часови. Секогаш имаше деца на кои, поради распоредот на вонучилишните активности, не им одговараа одредените термини и си велевме дека за нив треба да формираме една група и часовите да ги одржуваме онлајн, но го одложувавме тој план и никако да почнеме со таква настава сè до појавата на вирусот. Иако за многумина физичкото присуство на членовите и менторот е поприфатливо, на некои членови онлајн наставата им ја смени перспективата и ги внесе во друга димензија. Некои деца се поконцентрирани и фокусирани кога работат во домашен амбиент и само за она што им е потребно се консултираат со менторот, е тие деца многу напреднаа за овие пет-шест месеци, колку што не се дозволени групирање и настава со физичко присуство во училница. Поради онлајн часовите, кај некои членови се засили интересот за дигиталната графика, па на завршната изложба имавме и дигитални графики. Со нетрпение се чекаа онлајн часовите и затоа онлајн наставата во „Арс вивенди“ е во тек.

 

МАРИЈА ГАВРИЛОВИЌ 16 г.

Со делата на своите ученици учествувате на многу меѓународни натпревари и освојувавте награди. Зошто веќе не сте дел од овие манифестации?
Тони: До 2014 година испраќав цртежи на конкурси за детски цртеж и освоени се 57 награди, но потоа престанав со тој ангажман и се сконцентрирав повеќе на подготовка на идните студенти за прием на светски признаени колеџи за уметност и анимација, како што се „Шеридан колеџ“ – Канада, чија програма за анимација секогаш е рангирана меѓу првите пет колеџи во светот, колеџот за уметност во Чикаго, кој лани беше рангиран на деветтото место на светската листа на колеџи за уметност, Академијата за ликовна уметност и дизајн во Љубљана и најголем број што завршиле на нашиот Факултет за ликовна уметност и веќе се претставиле пред љубителите на ликовната уметност со самостојни изложби.Пред неколку дена во галеријата на ФЛУ беше отворена изложбата „Агносо“, прва самостојна изложба на Ана Спасова, која еден период беше членка во нашето студио и оттука го трасира својот пат до ФЛУ.

 

МИХАЕЛА БЕЛДЕДОВСКА 12 г.

Колку развивањето на талентот за цртање е корисно за децата како можност постојано да се истражува и да се бара повеќе од себе, а секако и за развивањето на чувството за естетика кај нив од мали нозе?
Тони: Во нашето студио секое дете само одбира што сака да црта, слика, моделира, а потоа заедно ја одбираме техниката во која најдобро може да се изработи одбраната задача. Ми кажува што сака да направи и како сака да изгледа сето тоа, а јас го насочувам како најдобро да ја реализира замислената идеја. Љубопитноста и истражувачкиот карактер доаѓаат до израз кај децата кога не им се поставуваат граници, зашто детската љубопитност е неограничена.
Со развивањето на талентот и дарбата за цртање се развиваат и други вештини и способности што ќе му бидат потребни на детето во подоцнежниот развој. Цртањето овозможува подобро разбирање, координација на мислите и раката, пишување, експресија на емоции, овозможува развој на креативните потенцијали на децата, а ги поттикнува и творештвото и ликовна култура.
Уметноста поттикнува процеси на истражување, активно гледање-набљудување-анализирање, поврзување на нештата, барање на значењето, процеси што се трансформативни и овозможуваат подлабоко разбирање на нештата. Уметноста влијае врз комплетната едукација, стимулира учење во други области и стекнување различни способности и вештини.

ДАМЈАН ПЕТРОВСКИ 9 г.

Слободното изразување на децата во различни ликовни медиуми е неопходно за правилен развој на личноста, комуникациски вештини, критичко мислење и креативност.
Освен што се учат на креативност и постојано нурнување во светот на фантазијата, вашите надарени ученици стекнуваат и други навики што ќе им помогнат понатаму во животот.
Дијана: Најважно од сè е што, изработувајќи ги своите дела, децата сфаќаат дека минуваат низ процес што ги учи на истрајност и упорност, зашто само оние што се упорни и истрајни и ќе издржат до финализирање на делото, ќе можат да се поврзат со суштината на поимот за убавото. Само тие ќе ја развијат способноста што на сите ни е подарена, а тоа е воочување, доживување, создавање и проценување на убавото. Само во тој случај доаѓа до раѓање и поттикнување на потребата за создавање, во овој случај на ликовни дела, развивање на имагинацијата и критичкото мислење.
Кои се вашите краткорочни и долгорочни планови?
Тони: Во „Арс вивенди“ продолжуваме со славење на животот, поточно уметноста или умешноста на живеењето и умножување на радоста за битисувањето во оваа димензија.