Во рамките на неодамнешниот 63-ти Меѓународен саем на книгата во Белград, се одржа промоција на поетската книга за тинејџери „Првата љубов голема, а ние мали“ од Вера Андон, објавена во препев на српски јазик.

Препејувач на оваа стихозбирка е српската писателка Снежана Алексиќ Станојловиќ, рецензент е Димитар Грумар, а книгата е во издание на издавачката куќа „Слово љубве – Буквибукс“ од Скопје.

Промоцијата се одржа на штандот на Министерството за надворешни работи на Србија во присуство на македонски и на српски љубители на книгите. Покрај книгата на Вера Андон, беа претставени и најновите дела на Весна Капор и на Сања Петровиќ, исто така во издание на „Слово љубве – Буквибукс“ и во присуство на издавачката, авторката Гордана Јовиќ Стојковска.

За книгата „Прва љубав велика, а ми мали“/„Првата љубов голема, а ние мали“ зборуваше препејувачката Снежана Алексиќ Станојловиќ, а песни од книгата интерпретираше младиот македонски автор Филип Димкоски.

Интересно е да се каже дека оваа книга на Вера Андон на македонски јазик е објавена пред дваесетина години, а сега првпат се појавува на српски јазик за српската млада читателска публика.

Наскоро се очекува од печат да излезат и новите книги на Вера Андон исто така наменети за младата читателска публика.