Малиот принц го краси она што го краси секое дете: љубопитноста, љубовта, среќата, грижливоста…

Се надевам дека претставата ќе допре до сите што ќе ја гледаат, до децата се разбира, но и до возрасните, вели Стојанче Ванѓелов, кој го игра Малиот принц

Книгата „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери уште одамна важи за светска класика со веќе утврдени вредности, еднакво привлечни за најмладите, но и за возрасните читатели. Ова дело постојано се препрочитува, долго се памети и никогаш не се заборава. „Малиот принц“ е омилена лектира во светот, но и кај нас, без која не може да се замисли ниедно читателско искуство, односно ниедна современа библиотека.
Токму од овие причини Микица Илова одлучи да направи адаптација на „Малиот принц“ во една несекојдневна театарска претстава за деца,чија премиера на огромно задоволство на најмладите љубители на театарот, имавме можност да ја видиме во петокот, 6 ноември, во рамките на манифестацијата „Кавадаречка културна есен 2020“, на сцената на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, се разбира со почитување на сите мерки за претпазливост.
– „Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери е наменета за деца и млади, но сметам дека треба да ја гледаат и возрасните, кои поради многубројните проблеми и обврски го изгубиле детето во себе. Всушност, претставата е за губењето и пронаоѓањето на вербата во себе. За жал, децата кога ќе станат возрасни, најчесто забораваат што всушност сакале да бидат кога биле мали. Таа тема за мене е многу сериозна, па затоа претставата, освен што е за деца и млади добро е да ја погледнат и возрасните, бидејќи секој може да се пронајде во неа.

Се потрудив да ги опфатам сите нејзини важни сегменти. Исто така, на сцената имаме рачно изработена планета – астероид, прекрасна сценографија, која на многу сликовите начин ја доловува приказната што им е позната на децата бидејќи е задолжителна лектира во основното образование. Затоа, препорачувам да ја видат сите деца во Кавадарци и околината и да ја решат мистеријата што е тешко разбирлива дури и за возрасните, што е она што не се гледа со очите, туку само со срцето? – вели режисерката Микица Илова.
Во претстават имавме можност да ги гледаме: Стојанче Ванѓелов, кој го играше главниот лик – Малиот принц, Сашко Орешков, кој го глумеше пилотот, а Јована Секуловска и Кристина Јованова се погрижија најавтентично да ги доловат лисицата и прекрасната роза. Вистински украс на сцената беа малите балерини – цветови од балетското студио „Венус“, кои танцуваа на кореографија на Биљана Грозданова.
– Уште на почетокот на подготовките на претставата се пронајдов во ликот на Малиот принц, едноставно како да се гледав себеси во реалноста.

Како што вели и самиот автор на книгата, Антоан де Сент-Егзипери, сите возрасни прво биле деца, но малку од нив се сеќаваат на тоа. Раскажувањето во „Малиот принц“ е поучно и мудро, иако изобилува со необичности. За мене книгата претставува мал дневник, во кој од ден на ден се нижат сеќавања и спомени во кои препознаваме дека треба да се суди по делата, а не според зборовите и оти од секого треба да се бара она што тој може да го даде. Јас лично не гледам разлика меѓу возрасните и децата, освен што постарите имаат поголемо искуство стекнато со текот на времето. Но тоа не значи дека не треба да се почитува личноста на детето, бидејќи секое дете заслужува доволно почит и внимание. За жал, многу од децата го немаат тоа во реалниот животот. Се надевам дека претставата ќе допре до сите што ќе ја гледаат, до децата се разбира, но и до возрасните – вели Стојанче Ванѓелов.


Интересни факти за книгата „Малиот принц“

– Сент-Егзипери, пред светот да го запамети по „Малиот принц“, бил познат аристократски авијатичар и писател што летал на мали растојанија во Африка и Јужна Америка и дури работел како тест-пилот. Во еден свој обид да урне рекорд, неговиот авион паднал во пустината Сахара, која била оддалечена повеќе од 200 километри од Каиро.

– Во раните 1940-ти години, Сент-Егзипери долго бил во болница каде што се лекувал од различни повреди предизвикани од неговите авионски несреќи и притоа му било ужасно здодевно. Неговата пријателка Анабела, која често го посетувала, решила да му ја прочита „Малечката сирена“, за да му го тргне умот од болницата и досадата, но приказната толку му се допаднала, што и тој самиот решил да напише бајка, се разбира тоа е „Малиот принц“.

– Консуело, жената на Сент-Егзипери, е најверојатно музата поради која е создадена розата на Малиот принц. Тие двајца имале навистина многу чудна врска и однос, живеејќи разделено во поголемиот дел од нивните животи, но таа секогаш била неговата инспирација. Исто како што тој ја љубел Консуело и ја чувал блиску до своето срце, така и Принцот ја чува и заштитува својата роза со два смешни трна.

– Сент-Егзипери, освен што ја напишал „Малиот принц“, тој самиот ги нацртал оригиналните цртежи со водени боици. Но не се сметал себеси за ликовен уметник, иако целиот свој живот сакал да црта на хартија, особено мали човечиња.

– Орсон Велс бил многу загреан да направи филм според книгата и за тоа побарал помош од Волт Дизни. Но Дизни сметал дека таков филм ќе ѝ наштети на неговата работа и наводно луто излегол од еден состанок викајќи: „Нема место во оваа просторија за двајца генијалци.“